Во недела ќе се одржат Мариовско-мегленските културни средби

Традиционалните Мариовско-мегленски културни средби ќе се одржат во недела
на 3.јуни, во манастирот „Свети Илија“ во непосредна близина на селото
Витолиште. Програмата започнува во 9 часот, со посета на спомен костурницата
во Витолиште, додека официјалното отворање е во 10 часот, кога на присутните
ќе им се обрати претседателот на здружението што ги негува Мариовско-
мегленските културни средби, Стојан Ѓуроски и градоначалникот на Прилеп, Илија
Јованоски.



„Ќе настапат актери од прилепскиот театар ‘Војдан Чернодрински’, ќе се читаат
наградените поетски творби од минатонеделниот избор што во рамките на
средбите се одржа во градската библиотека, а се подготвува и богата културно-
уметничка програма во која ќе настапат КУД ‘Гоце Делчев’ и ‘Етно Илинден’ од
Битола, КУД ‘Стив Наумов’ од село Логоварди, играорната група ‘Пенка Котеска’
при прилепското Здружение на пензионери, КУД ‘Моминок’ од Прилеп, а
ексклузивен настап ќе има гајдаџијата и кавалџија Стевче Стојкоски“, изјави
Ѓуроски,на денешната прес конференција што се одржа во Општина Прилеп.

Здружението „Мариовско-мегленски средби“ е формирано 1984 година и на
почетокот во него членувале интелектуалци од двата региона, Мариовскиот и
Мегленскиот. Како и секогаш, така и оваа година испратена е покана за учество на
жителите од Мегленскиот регион. Според Ѓуроски, актуелните состојби и односи
меѓу двете држави, Македонија и Грција, се главната причина што мегленци не
можат да доаѓаат слободно на средбите. Со решавање на постојните проблеми,
од здружението се надеваат дека во иднина ќе доаѓаат поголем број граѓани од
Мегленско и дека ќе земат учество во програмата на следните Мариовско-
мегленски културни средби.

Покрај Министерството за култура на Република Македонија, најголемата
финансиска поддршка на 34.Мариовско-мегленски средби ја даде Општина
Прилеп. Како што потенцираше Ѓуроски Општина Прилеп, за прв пат одобри
онолку средства, колку што побарале организаторите.