Во 16 општини во државата ќе се формираат регионални КОВИД центри

Во врска со справувањето со коронавирусот КОВИД-19, здравствениот систем во нашата држава се мобилизира за изнаоѓање на брзи решенија за флексибилни, мобилни и едноставни структури од монтажно/демонтажен карактер, кои треба да одговорат на потребите во справувањето со коронавирусот и да го амортизираат можниот притисок врз здравствената инфраструктура.

За таа цел, на барање на Министерството за здравство, денеска преку електронска платформа беше одржан состанок на претставници на Министерството со градоначалниците на 16 општини. Покрај градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на состанокот учествуваа и градоначалниците на Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен. Комисијата за заразни болести и Министерот за здравство, со цел да го припремат здравствениот систем за справување со корона вирусот, при евентуален нов есенски бран на криза, предлагаат формирање на регионални КОВИД центри во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, во кои би можело да се аплицира систем на монтажни модули, односно мобилни болници.

Градоначалниците го поддржаа ваквиот предлог укажувајќи дека и до сега максимално се вклучени во сузбивањето на здравствената криза и поддршката на граѓаните. Тие изразија подготвеност да помогнат и во изнаоѓањето на најсоодветните локации, доколку тоа не може да се реализира во кругот на општата болница, (како што се слободни училишта, интернати, хотели и слично) при што побараа да им бидат обезбедени дополнителни насоки, планови за проширување на здравствените капаците или предлог модели со технички спецификации за условите кои треба да ги има локацијата (пристапни влезови и излези, лифтови, дотур на вода, третирање на отпадот и слично). Со помош на јавните комунални претпријатија, ќе се погрижат локацијата да се доведе во прикладна состојба за да може да се постави монтажната болница, при што посочија на потреба за поддршка од државата за евентуално „олеснување“ при реализација на правните процедури за поставување на вакви времени објекти.

Градоначалниците, исто така, ги изнесоа предизвиците со кои се соочувале во изминатиот период, како при справувањето со кризата, така и во комуникацијата со Министерството за здравство и со Комисијата за заразни болести, поради што побараа во овој период да се изработат потребни протоколи за одредени постапки што ќе треба општината да ги презема. Стана збор и за дезинфекцијата што се врши на јавни површини и установи, односно каде, како и дали воопшто треба да ја врши општината, потоа за подршката со заштитни маски и други помагала што локалната власт ги обезбедува за граѓаните но и за здравствените установи. Беше нагласена потребата за соодветно и навремено информирање на општинските кризни штабови за состојбата на епидемиолошката карта на општината и слично. Исто така, на состанокот беше истакнато дека одредени општини се соочуваат со исцрпени локални буџети, токму заради реализација на низа активности од оваа област и дека во иднина може да се очекува тоа да преставува сериозна пречка за активности на локалната власт, во насока на превенција и заштита од вирусот.

Од Министерството за здравство се заблагодарија за добиената поддршка од локалната власт и градоначалниците. Тие најавија дека на 13 јули, 2020 година ќе организираат состанок со директорите на болниците во овие градови, од каде ќе добијат дополнителна слика за здравствените капацитети и техничките потреби и дека соработката мора да продолжи во насока на што поподготвено превенирање од евентуален, позасилен бран од оваа епидемиолошка криза, во следниот период.