Учесниците на меѓународниот детски музички фестивал „Ѕвездички“, гости во Општина Прилеп

Под покровителство на Општина Прилеп, а во рамки на програмата за одбележување на празникот 11.Октомври, по 19 пат ќе се одржи меѓународниот музички детски фестивал „Ѕвездички“, на кој учесници до 14 годишна возраст од Србија, Хрватска, Словенија, Малта, Русија, Украина, Казахстан, Бугарија и Македонија, ќе имаат свои музички изведби.

По тој повод, денеска во големата собраниска сала на Општина Прилеп, организаторот Марјан Катароски приреди прием за учесниците, при што им посака пријатен престој во градот под Марковите кули.

„Фестивалот ’Ѕвездички’ оваа година се одржува по 19 пат. Се трудиме во текот на овие години да го донесеме целиот свет во Македонија, во Прилеп и тоа ни успева секоја година. Оваа година на фестивалот ќе учествуваат 23 учесници, кои ќе изведат 21 песна на 21 различен јазик, а на големо задоволство на сите нас, годинава не’ удостоија учесници од: Казахстан, Русија, Украина, Романија, Хрватска, Словенија, Малта и други земји’, вели Катароски.

Дечињата восхитени од престојот во Прилеп, не ги криеа радоста и позитивните емоции за нивното учество на фестивалот ’Ѕвездички’.

„Се викам Нуршат Кусанова, имам 9 години и доаѓам од Казахстан. Ќе се претставам со песната “Прекрасен свет“, а песната зборува за тоа колку е прекрасен светот во очите на децата“.

„Јас сум Катија Јелавиќ – Митровиќ имам 13 години и доаѓам од Сплит, Хрватска. Мојата песна се вика ’Сонување’ и зборува за детството кое изминува. Децата сакаат што побрзо да го поминат детството, а не се свесни што навистина тоа значи“.

“Јас имам 10 години и сум од Македонија. Мојава песна зборува за мојот симпатија, а се вика ’Моите пеперутки’, вели Мила Ставреска.

“Јас сум Кимберли Чантар. Доаѓам од Малта. Навистина сум среќна и возбудена за вечерашниот настап. Се надевам дека ќе помине се во најдобар ред“.

“Се викам Алиса Семивалос. Имам 10 години доаѓам од Русија. Мојата песна се вика ’Јас’, а зборува за тоа дека сум силна, сигурна во себе и дека секогаш ќе победувам“.

Основна цел на фестивалот, е да создаде пријателски врски помеѓу децата од различни етнички и верски средини и да ги стави во пракса принципите за заедничко живеење, меѓусебна толеранција и разбирање, како и надминување на културните разлики помеѓу децата од целиот свет.

Фестивалските настапи на годинешниот ’Ѕвездички’, се одржуваат на 12 и 13 октомври, со почеток во 19 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“.