Убави маски и голема посетеност – “Прочка 2018“ блесна во полн сјај

Тридневниот меѓународен карневал „Прочка 2018“, денеска финишираше со
централниот настан, дефилето на околу 1.000 учесници од Македонија, Србија,
Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија и Албанија. Голем број граѓани на
Прилеп, како и бројни посетители од земјата и странство, дојдоа да го проследат
17. издание на прилепскиот карневал.

Посакувајќи им добредојде на учесниците, посетителите, како и на високите
претставници од странство и на делегацијата од Федерацијата на европските
карневалски градови, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, не го криеше
задоволството од бројноста и квалитетот на групните и поединечните маски.

„Околу 1.000 учесници ќе ја презентираат својата креација на поединечни и групни
маски, сето тоа во знак на „Прочка 2018“. Жирито ќе ги одбере најдобрите маски, на
кои здружението „Прилепски мечкари“ ќе им додели парични награди и дипломи.
Вечерва, со забавата под маски завршува тридневниот карневал. Посебно ме
радува тоа што во Прилеп, дојдоа голем број посетители од повеќе градови од
нашата држава, како и од соседните земји, со цел да го проследат карневалот.
Денеска е Прочка, затоа сакам да побараме прошка и да им дадеме прошка на
нашите најблиски, што ќе придонесе да изградиме подобро општество за сите“,
рече прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски.

За претседателот на здружението „Прилепски мечкари“, Ванчо Георгиев,
годинешното 17 издание на меѓународниот карневал „Прочка 2018“ го
карактеризираа големата посетеност и масовност, како и исполнетоста на сите
хотелски капацитети во градот.

„Уште синоќа хотелите во градот беа полни со гости, бидејќи една од целите на
карневалот беше да го направи Прилеп туристички центар. Ни помогна и времето,
па така посетителите што дојдоа не како учесници, туку како гости, имаа што да
видат, бидејќи покрај маските и карневалот, Прилеп е познат и по убавата скара“,
изјави Георгиев.

Генералниот секретар на Федерацијата на европски карневалски градови (ФЕКК),
Ларс Алгел, рече дека е импресиониран од сите карневали што ги посетил во
изминатата седмица.

„Импресиониран сум од карневалите, кои ги посетив. Имав вистинска “карневалска“
седмица. Ги проследив карневалите во Хрватска и Словенија, а потоа и
струмичкиот и сега прилепскиот карневал. Среќен сум што сум во Прилеп, имам
многу добри сеќавања од овој карневал. Ме импресионираат различностите на сите
карневали, очекувам дека и одовде ќе носам позитивни впечатоци“, рече Алгел.

Меѓу бројните високи гости што го посетија меѓународниот карневал „Прочка 2018“,
беше и амбасадорот на Шпанија, Емилио Лоренцо.

„Многу ми се допадна она што го видов, за ова кратко време колку што сум во
Прилеп. Одлично се забавувам, а гледам дека и граѓаните уживаат во карневалот.
Многу е добро“, изјави шпанскиот амбасадор, Лоренцо.

Карневалот завршува вечерва со забавата под маски, кога ќе бидат соопштени
имињата на најуспешните учесници по категории, на кои што ќе им бидат врачени
парични награди и дипломи.