Тутунски комбинат ги отвори вратите за откуп на годинешната реколта

Прилепскиот Тутунски Комбинат денеска ги отвори вратите за откуп на годинешната реколта. Ќе бидат откупени поголеми количества од лани, кога беа преземени нешто повеќе од 2550 тони од долгогодишните кооперанти на најголемиот откупувач во регионот. Според генералниот директор, комбинатот има обезбедено средства за непречена исплата на реколтата.

„Од денеска се врши откуп во откупната станица во градот,а веќе во среда ги отвораме и откупните пунктови по населените места. Исплатата на реколтата ќе се врши по 3 дена од денот на преземањето на родот. Исплатата ќе тече непречено, бидејќи комбинатот ја има заокружено финансиската конструкција, впрочем како и минатата година“, изјави дирекорот Кире Станкоски.

Првиот ден од откупот во Тутунски Комбинат го следеше и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Тој најави дека очекува стабилен и сигурен откуп на годинешната реколта,на сите досега пријавени 195 откупни пунктови.

„Засадени се 14.802 хектари, склучени 34.104 договори со кооперантите со вкупно 9 откупни претпријатија. Овие податоци покажуваат стабилен раст на тутунопроизводството, годинава. Особено по историски највисоките откупни цени коишто се постигнаа 2017 година, од 217,6 денари за килограм и со новововедениот модел на субвенционирање од страна на државата во три нивоа. Ова сметам дека беше еден од клучните политики на Владата преку која пративме силен акцент за поддршка не само на тутунопроизводството,туку и на целиот земјоделски сектор, што е база на нашата економија“, изјави министерот Николовски во Прилеп.

Од Државниот инспекторат за земјоделство велат дека 8 од 9 пријавени откупни фирми ги имаат обезбедено сите услови за да вршат откуп.

„Единствено една откупна фирма од Струмица нема обезбедено средства, ако ги обезбедат средствата во рок до 15 декември ке може да откупуваат, ако не, нема да можеда откупуваат.Сите други откупувачи имаат обезбедено средства“, вели Благој Индов, директор на Државниот инспекторат.