Триесет и петти „Мариовско-мегленските културни средби“

Со богата културно уметничка програма, пред многубројните посетители и со
заеднички ручек и оваа година по 35-ти пат, се одржаа Мариовско – Мегленски
културни средби. Манифестацијата започна со потсетување на минатото и
разбудување на спомените за родниот крај, некогашните жители на Мариово и
на оние што се уште живеат тука. Според градоначалникот Илија Јованоски кој
беше дел од оваа културна манифестација, одржувањето на овие средби има
посебно значење за луѓето од Мариовскиот и Мегленскиот крај бидејќи
овозможува да ја изразат, негуваат и развиваат својата автентична и богата
култура и традиција.

„Овие можности станаа реалност, благодарение на волјата и напорната работа на нашите Влади, а со цел создавање можности за преку-граничната соработка во сите сфери на живењето, вклучувајќи ги плановите за подобрување на патната инфраструктура како основа за плодна соработка и развој на овој
регион. Ви го честитам љубилејот 35 години од постоењето на здружението и ви посакувам многу успеси. Традицијата која се негувала изминативе години треба да продолжи и во иднина, како основа за заживување и развојот на овој регион. Општина Прилеп ги поддржува и ќе продолжи да ги поддржува ваквите средби во иднина, како и сите оние активности чија цел е јакнење на соработката како културна и туристичка, така и економска“, посочи
градоначланикот Јованоски во совоето обраќање.

За Стојан Ѓуровски, претседател на Здружението „Мариовско-мегленски
културни средби“ кое е и организатор на манифестацијата, целта е да се
сретнат некогашните жители.

„Целта е да се сретнат Мариовци од каде и да доаѓаат, да си помуабетат за минатото, сегашноста, но и за иднината. Да не се заборават врските со родниот крај. Се уште ги очекуваме Мегленци со кои Мариовци низ вековите имале силни врски, трговски, семејни, лични, добрососедски. Се надевам дека
пак ќе почнат да доаѓаат“, истакна Ѓуровски.

На средбата во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште организаторот,
здружението „Мариовско-Мегленски културни средби“ ги награди најдобрите
творби на конкурсот што претходно го распиша на тема Мариово. Со изворна
музика, на манифестацијата настапија културно-уметничките друштва: „Гоце
Делчев“, „Етно Илинден“ од Битола, „Стив Наумов“ од селото Логоварди, КУД
„Моминок“ и играорната група „Пенка Котеска“ од Прилеп. Настапија и
актерите од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.