Тенискиот прилепски ас Михаил Кусески одржа тренинг за малите дечиња од градинката „Наша иднина“ на терените на „Винер Про“

Познатиот прилепски тенисер, Михаил Кусески има 18 години, а досега има настапувано на многу турнири, како на европско, така и на светско ниво. Михаил има освоено многу први места, но тренира напорно секој ден, за да постигне уште повисоки резултати. Нему тенис му е омилен спорт од рана возраст. Имал седум  години кога прв пат го зел рекетот в рака. Со белиот спорт како што вели „го заразил“ нашиот сограѓанин, професионалниот тенисер, Илија Мартиноски, кој сега работи како тениски тренер во Германија.

„Меѓу позначајните успеси би ги издвоил десеттото место во Европа, јас сум повеќекратен државен првак, учествував исто така, за македонската тениска репрезентација. Мој спонзор е ‘Јонекс’ од  Јапонија. Со ова спонзорство го добив европското првенство во Чешка до 14 години. Договорот ми трае сèуште. Соработуваме, контактираме и многу сум задоволен од нивната  поддршка. Минатата година тренирав за тениската академија ‘Ферер’ во Шпанија. Преку овој спорт стекнав многу искуства и пријатели“, вели Михаил Кусески.

Во клубот „Винер Про“, викендов се одржа спортски настан под мотото „Дружете се, забавувајте се, играјте за подобро здравје“ во соработка со градинките „Наша иднина“ и бизнис секторот. А, Михаил им го одржа првиот тениски час на многу дечиња на возраст од 4 до 6 години на новоуредените тениски терени на клубот.

„Мислам дека добро е дечињата од мала возраст да се запознаат со тајните на тенисот. Кој знае, можеби некое од овие дечиња ќе биде следен државен репрезентативец или светски првак. Што се однесува до моите ангажмани во моментов започнувам со подготвки за фјучерси турнирите. Потоа патувам за Мостар, а следна моја дестинација е Австралија, каде ќе тренирам за да продолжам со натпреварите што следуваат“, вели овој млад прилепски тениски ас.

Михаил Кусески е прогласен за најдобар спортист на државно ниво во тенис. Поаѓајќи од фактот дека тенисот е скап спорт, како што велат од клубот, „една од поголемите фирми ни помогна со оддвојување на 40% од нивниот данок на добивка. Оваа практика добро би било да ја следат и поголеми компании“.

Интересно е тоа што во клубот „Винер Про од Прилеп“, тренираат голем број мали љубители на овој спорт, кои што и на таа возраст успеваат да донесат медали и одликувања. За време на нивните тренинзи, тие ги учат новите тениски вештини, се забавуваат и стекнуваат нови пријателства.

Оваа активност на тенискиот клуб „Винер Про“ е финансиски поддржана со средства од општинскиот буџет. Овој клуб успешно функционира од 2009 година и е најсовремената школа за тенис во Прилеп.