Светскиот ден на планината „11 декември“ одбележан и во Македонија

Планинарењето полека, но сигурно, станува нов начин на живот и еден од поатрактивните спортови како во светот, така и во Македонија. Брзиот начин на живот, нездравата исхрана, загаденоста на големите градски центри, се причината луѓето полека да се враќаат кон природата.

Токму поради тоа во 2003 година, Генералното собрание на Обединетите нации 11 декември, го прогласува за Светски ден на планината.
Неговото одбележување не е изоставено, ниту во Македонија. Проследено е со голем број активности, пред сè, во поглед на организирање планинарски тури и доделување плакати и признанија за врвни достигнувања во планинарските спортови. Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и оваа година додели награди:за животно дело ја доби Гојко Геговски, а Александар Кирковски доби награда за врвно спортско остварување и за долгогодишна активност и придонес за развивање на планинарството на планинарското друштво „Кожуф“ од Гевгелија.

Планинарењето во последно време станува многу популарен спорт и во Прилеп. Претседателот на најмладиот планинарски клуб од овој град – „Мамути“, Маријана Ѓорѓиевска, вели дека во Прилеп планинарските спортови се застапени, а последниве неколку години доживуваат експанзија особено во делот на планинарството, планинарски велосипедизам, планинарско трчање, болдеринг и други.

„За поздрав е големиот интерес на младите прилепчани за планинарење во последниве неколку години. Во Прилеп отсекогаш се одржувала љубовта кон планината и планинарството, за што сведочи постоењето на неколку планинарски друштва со долгогодишно постоење и традиција на негување на природата и планинарството.
Денес, состојбата во Прилеп во поглед на планинарството е на задоволувачко ниво, но сметам дека може да се направи уште. Со поголема поддршка на институциите, особено на локалната самоуправа и бизнис секторот – планинарството во Прилеп може да биде неколку скалила погоре. За жал, во Прилеп, а и во Македонија, сите погледи и цела поддршка е насочена кон тимските спортови, па овие ‘алтернативни’ и ‘непрофесионални’ спортови се занемарени или воопшто не се земаат предвид при промоција или распределба на финансиски средства. Кај нас постојат капацитети, бидејќи познавам поголем број на планинари што со мала поддршка и посветена работа – можат да достигнат значајни резултати и да бидат првенци при искачување на европските, па и светските планински масиви“, вели Ѓорѓиевска.

Според Ѓорѓиевска најважно е тоа што во Прилеп постои планинарска култура, постојат љубители на планинарењето – па повозрасните планинари треба да бидат спокојни, бидејќи имаат наследници на кои можат да го доверат ова хоби, а истовремено да ги доверат и Селечка планина, Козјак, Маркукуле, Томов Дом, Казанташ, Домаќинско чешмуре, Дервен…

„Придобивките од планинарењето се општопознати за сите, но повторно ќе се запрашаме – зошто планина? Студ, ветар, сонце, дожд, бубачки, песок, кал, тревки, камења, дрва, змии, гуштери, мечки, плускавци, воспалени мускули, опекотини од сонце итн итн. Но, да не заборавиме – чист воздух, слобода, мир, спокој, зајдисонца, изгрејсонца, незаборавни видици, работа на себе, самоконтрола, подобрена крвна слика, регулиран притисок, регулирана телесна тежина, чиста мисла, поголема концентрација, креативност и кондиција, подобар сон, подолг живот….“, додава Ѓорѓиевска.

И постарите членови на планинарските друштва, како Пеце Јовчески од планинарското друштво „Картуш“ вели дека планинарењето доживува вистинска ренесанса во Прилеп.

„Ние постоиме како друштво веќе 15 години и имаме околу 100 членови. За нас секоја недела е светски ден на планината. Постојано имаме планинарски тури во Македонија и низ планините во околните држави.

Инаку Светскиот ден планината се одбележа вчера во Скопје со марш од Водно до Матка на кој учествуваа голем број планинарски здруженија од цела Македонија. Ние за жал годинава не можевме да присуствуваме, затоа што имавме веќе договорено планинарска тура во Грција“, потенцираше Пеце Јовчески, член на планинарско друштво „Картуш“.

Планинарите се согласни дека планините го чуваат квалитетот на животот. Се зацврстуваат физичките и менталните карактеристики на личноста. При планинарењето секој човек е соочен со планината чија сила, а и убавина, не може да ја претпоставиме. Тоа е натпревар во кој пред да влезеш мора да се покориш и да прифатиш планината да биде победник, бидејќи само така планината може да ни дозволи да ја запознаеме и да ги почуствуваме сите нејзини убавини и благодети.