Стопанствениците бараат подобри услови за работа, а Владата им вети нови инфраструктурни и проекти за квалификување на работната сила

Подобрување на условите за работа, а особено решавање на проблемот со недостиг од квалификувана работна сила, се меѓу поголемите проблеми што ги истакнаа пелагониските бизнисмени на денешната средба со премиерот Зоран Заев, вице премиерот Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески што се одржа во големата општинска сала во Прилеп.На оваа средба на пелагонискиот бизнис сектор, како што рече претседателката на Регионалната канцеларија на СКМ-Прилеп, Ирена Јакимоска, се пренесуваат всушност заклучоците дефинирани на првата средба од 15-ти февруари.

„Заклучоците се со цел, да се подобрат условите за работа на сите правни субјекти во Пелагонија, со цел да се зголеми нивното партиципирање во БДП и да се развојно ориентирани. Околу 11 % од додатната вредност на овие субјекти учествуваат во градење на БДП. Денеска се работеше на овие заклучоци и донесени се мерки. Едно од најзначајните прашања е недостигот на оперативна и квалификувана работна сила. Во однос на квалификуваната работна сила има конкретни работни задачи на кои можеме да поработиме сите компании заедно, со владините мерки за поддршка, со 20 милиони евра неискористени средства за тренирање на неискористена потенцијална работна сила. А, во однос на оперативната работна сила разговаравме за можноста за увоз на работна сила од други земји и можност за издавање на работни визи и поедноставување на постапката за нивен престој, овде“, изјави Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Македонија од Прилеп.

Премиерот Зоран Заев, откако ги чу забелешките на стопанствениците, го акцентираше проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, посочувајќи на мерките што значат негово решение.

„Структурата на невработените е некаде околу 50 % од активните баратели на работа. Мал е бројот, околу 26 % од нив се со средно образование, а мал е процентот и на оние со високо образование. Овие податоци го креваат алармот, дека треба брзо да ја квалификуваме нашата работна сила, за да тече економскиот развој, но и што е поважно младите луѓе да наоѓаат работа. За двата модалитета на дуалното образование, овде ќе ни биде потребен бизнис секторот, за тренинг на младите луѓе. И оваа мерка е поддржана со 20 милиони евра, директно од Агенцијата за поддршка на вработувањата и вториот преку образовниот процес, со практична едукација, за да се прилагодиме како држава на новите потребите што постојат кај бизнис секторот“, рече премиерот Зоран Заев, во Прилеп.