Советот на Општина Прилеп го усвои Општинскиот енергетски план за 2027 година

На денешната 15-та вонредна седница, Советот на Општина Прилеп го усвои Општинскиот енергетски план за 2027 година, стратешки документ чија основна цел е намалување на трошоците за електрична енергија и унапредување на енергетската ефикасност преку конкретни, одржливи и издржани решенија.
Со донесувањето на овој план, за првпат се воспоставува јасен, структуриран и контролиран систем за планирање на енергетските инвестиции на локално ниво. Планот овозможува поголема регулација, предвидливост и рамномерен развој на енергетските капацитети во општината, создавајќи услови за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Општинскиот енергетски план за 2027 година содржи предлози за инвестиции и иницијативи на инвеститори кои планираат реализација на енергетски објекти со инсталирана моќност до 1 мегават. Воедно, предвидува мерки за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, рационално користење на енергијата и подобрување на енергетскиот менаџмент.
Планот е усогласен со стратешката визија за одржлив локален развој преку зголемување на локалното производство на енергија од обновливи извори, пред сѐ преку поставување фотоволтаични системи на кровни површини и на соодветно избрани локации, како и преку намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор.
Со воспоставувањето на овој систем се поставуваат темелите за долгорочно, стратешко и контролирано управување со енергетските инвестиции, во интерес на граѓаните, Општина Прилеп и локалната економија.
Општинскиот енергетски план за 2027 година е изработен согласно националното законодавство во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Документот е усогласен со националните цели и мерки утврдени во Интегрираниот национален енергетски и климатски план, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во интерес на целосна транспарентност и информираност на јавноста, Општинскиот енергетски план за 2027 година ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Општина Прилеп.