СОУ „Ристе Ристески-Ричко“: Успешна приказна за проектот „Чекор напред“ од Еразмус + програмата

Градоначалникот Илија Јованоски денеска ги прими учениците и наставниците од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп, кои беа дел од проектот „Чекор напред“ во рамки на Еразмус + програмата.

Имено, оваа година 38 ученици и 4 наставници од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, учествуваа во Еразмус+ проект, кратка мобилност на стручна едукација и тренинг на ученици (ВЕТ). Исто така, 3 наставници учествуваа на ВЕТ-СТА тренинг во странство, наменет за едукација на наставен кадар.

Проектот се состоше од две мобилности на ВЕТ ученици – еден во Словенија и еден во Португалија, како и една мобилност на ВЕТ наставен кадар во Шпанија.
Првата мобилност беше во мај и почетокот на јуни, кога 19 ученици од електро – техничката и машинската струка, придружувани од двајца ментори, во период од 21 ден имаа можност да здобијат знаење, вештини, компетенции и искуство во школскиот центар во Велење, Словенија и во компанијата „Горење“ од овој град.

Втората мобилност на ВЕТ ученици беше во Порто, Португалија на почетокот од јуни, која траеше 21 ден за 19 ученици од електро – техничката и машинската струка придружувани од двајца ментори/ наставници. Учениците имаа можност да стекнат знаења, вештини, компетенции и искуство во нивното поле и да стекнат работно искуство во различни компании. Исто така тие имаа и обуки во посебен тренинг центар.
Проектот беше поддржан од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.