СОУ „Орде Чопела“- Прилеп домаќин на прв државен натпревар на ученици од хемиско-технолошката струка

Во средното општинско училиште „Орде Чопела“ денеска се одржа за прв пат државен натпревар за учениците од „хемиско-технолошката струка“.  Натпреварот се организира со цел промоција на „хемиско-технолошката струка“, вреднување на нивоата на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците, рангирање според постигнувањата на учениците, откривање на талентирани ученици и споделување на искуства.

„Како домаќини, во соработка со локалната самоуправа и бизнис заедницата од  Прилеп, се потрудивме да обезбедиме максимални услови за непречено одржување на натпреварот, како и пријатен престој на сите гости  во нашето училиште и нашиот град“,истакнува директорката Анета Пејоска.

Организатор на овој натпревар е здружението “Дијаграм”. Настанот е дел од образовниот процес, при што учениците и професорите имаат можност да ја покажат својата стручност, креативност и стекнати знаења од областа на наставните предмети во кои се натпреваруваат.

Стекнатите високо квалитетни и долготрајни знаења и вештини им ги отвораат на учениците, вратите на престижните високошколски институции и ги ставаат во рангот на моќна и конкурентна работна сила на пазарот во нашата држава, регионот и светот.