Сојузот на тутунски здруженија задоволен од аграрната политика на Владата

Со одлука на Владата на Република Македонија, се зголемува висината на субвенциите за откупениот тутун: 80 денари за еден килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета и четврта класа. Дополнителна придобивка за тутунопроизводителите, е што субвенциите ќе бидат исплатени и за тутунот од минатогодишната реколта.

Според оценките на првиот човек на Сојузот на тутунски здруженија, Кире Неделкоски, со остварување на ова владино предизборно ветување, се подобрува статусот на македонскиот тутунопроизводител.

„Во име на Сојузот на тутунски здруженија, сакам на Владата на Република Македонија и на Министерството за земјоделство да им искажам благодарност, затоа што им овозможуваат на тутунопроизводителите од нашата држава да земат повисоки субвенции за тутунот од реколтата 2017. Во откупната кампања на тутунот од ланската реколта се преземени 9 милиони килограми тутун од првата класа, 13 милиони од втора и 1,7 милион килограми од трета и четврта класа. Што значи дека најголемиот дел од тутунопроизводителите за предадениот тутун ќе земат субвенции во висина од 70 и 80 денари по килограм“, изјави Неделкоски.

Според најавите, Сојузот наскоро со откупните компании ќе ги почне преговорите за зголемување на откупната цена на тутунот за 30 денари по килограм и за намалување на големата разлика на откупните цени од една до друга класа.

Прес конференцијата на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија е потврда дека аграгната политика на Владата и ресорното Министерство ги следи потребите на тутунопроизводителите. Од друга страна, се остваруваат дел по дел ветувањата дадени на оваа категорија земјоделци, коишто својата егзистенција во најголем број ја остваруваат со тутунопроизводство.