Со откривање на споменикот „Жртви на фашизмот“ започна чествувањето на 3. Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп

Со свечено откривање на обновената скулптура на споменикот „Жртви на фашизмот“ кај месноста Дабница и положување на свежи цвеќиња, започна чествувањето на празникот 3.Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп.

На 19 септември 2019 година се навршија 77 години на едно од најголемите злосторства на фашистичките окупатори, не само во Прилеп туку и пошироко – познатиот Дабнички масакр, каде поголемиот дел од стреланите биле дабничани, а во чија чест, во 1972 година на местото на стрелањето е подигнат споменикот  „Жртви на фашизмот“. Бронзена човечка фигура, изработена од страна на академскиот скулптор, прилепчанецот Димо Тодороски,  која беше дел од спомен обележјето, подоцна беше уништена и остранета од страна на непознати сторители.

„Почитувани граѓани, сакам да ви го честитам денешниот празник 3.Ноември, Денот на ослободувањето на градот Прилеп. Денеска сме во месноста Дабница, каде присуствуваме на свечено откривање на новиот споменик во чест на загинатите борци од Дабничкиот масакр кои, на 19 септември 1942 година, токму на ова место биле стрелани од фашистичкиот окупатор. Морам да напоменам дека стариот и оштетен споменик, кој беше изработен од бронза, е составен и ќе биде изложен во просториите на меморијалниот музеј „11.Октомври“. Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на директорот на НУ ’Завод и музеј’, Благоја Атанасоски кој заедно со Општина Прилеп, навистина се заложи за изработка на ова дело“, посочи градоначалникот Илија Јованоски.

Според борците, месноста ’Дабница’ било познато револуционерно место.

“Јас лично ја паметам револуцијата, окупацијата. Ова место, Дабница, беше една од базите на првиот партизански одред, формиран во1941 година и не случајно токму овде на ова место се стрелани многу дабничани, многу патриоти кои им помагаа на партизаните. Дабница е познато револуционерно место, што се покажа во НОБ. Добро е што локалната самоуправа со голема почит се однесува кон борците, кон минатото, затоа што без минато нема сегашност, нема иднина“, истакна Круме Соколоски, претседател на Општинската организација на Сојуз на борци од Прилеп.

“Овој споменик е настрадан од вандалски чин и во таква лоша состојба е донесен во Музејот. И како што направивме со орденот „Народен херој“, како и со бистата на Тито, ги исправивме нештата. Идејата да се возобнови овој споменик, градоначалникот Илија Јованоски ја прифати без никаков проблем и се заложи да се обезбедат финансиски средства со ребалансот на буџетот, со што и пристапивме кон оваа обнова на скулптурата’, посочи Благоја Атанасоски директор на НУ “Завод и музеј“ Прилеп.

Според авторот на скулптурата, Сашо Попоски, направена е нова реконструкција со оригиналните димензии, висина од 2м и изработена од полимер – бетон.

“Процесот започна со самата појава на идејата, што е многу важно за оваа работа. Замислете, нешто што седело повеќе од 15, 20 години во едно депо, во мали делови како филџан од кафе, сето тоа го зедовме заедно со голема помош на леарница ’Панков’ од Скопје ко, се експерти за работа со бронза и правење на калапи, со кои пробавме да направиме реконструкција во оригиналните димензии со оригиналните делови, сето тоа со помош на архивски материјали, фотографии, скици и сите други пропратни елементи кои доаѓаат со таа работа. Најпрво ја реинкарниравме бронзата,  го исправивме споменикот во неговата оригинална висина, потоа направивме гумен калап каде гледавме да останат оригиналните потези, бидејќи ова е многу вредно уметничко дело на Димо Тодоровски и токму од гумениот калап направивме оригинална копија“, истакна скулпторот и автор на новата скулптура, Сашо Поповски.

Чествувањето на празникот продолжи со полагање свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Могилата на непобедените и споменикот кај месноста Песјобрдце, каде градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, претставници на Армијата, боречката организација, политички партии и здруженија на граѓани, се поклонија пред загинатите борци и им оддадоа почит на борците од Народноослободителна борба против фашистичкиот окупатор.

Одбележувањето на Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, беше збогатено и со обновување на бистата на спомен обележјето на Блаже Спиркоски – Воденски, пред Домот на УЗ „Тризла 1“, која денеска беше свечено откриена.