Со одлична музичка понуда почна „Пивофест 2018“

Прилеп ги отвори вратите за љубителите на ладното пиво и вкусната скара.  Прогласувајќи го годинешното 16-то издание на „Пивофест“ за отворено, градоначалникот Илија Јованоски рече дека прилепчани се познати како добри домаќини, што гарантира дека во следните четири денови, посетителите на „Пивофест 2018“ ќе имаат незаборавно дружење и забава.

„Добредојдовте на најголемата забавна манифестација во Република Македонија, ‘Пивофест 2018’. Сакам да уживате со ладното пиво, одличната храна и музичкиот избор кој агенцијата ‘Ентфинити’ го направи за сечиј вкус. Вечерва и во наредните три дена заедно ќе се дружиме, ќе живееме во духот на забавата која ја нуди оваа манифестација. Нека започне забавата на ‘Пивофест 2018’. Нека е на здравје и уживајте“, изјави градоначалникот Јованоски.

Посетителите на првата фестивалска вечер на располагање го имаа она што „Ентфинити“, организаторот на фестивалот и Општина Прилеп го ветија: ладно пиво, вкусна прилепска скара и одлична забава. За одличната забава се погрижија уметниците од македонската естрада, Бени и Нон Стоп, Тони Зен, Дани и Кирил Џајковски, кои со својот настап направија на сцената од „Пивофест“ да се случи една од најдобрите музички вечери во 16 годишната историја на фестивалот.

Имајќи ги предвид музичките имиња што ќе настапат на втората фестивалска вечер: Дарио, Ван Гог, Црвена Јабука и Mossel, нема дилема дека „Пивофест 2018“ ќе понуди ново впечатливо музичко доживување.