Се тампонираат улици и пристапни патишта во село Галичани

Градоначалникот на Илија Јованоски и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски денеска извршија увид во тампонирањето на улици и пристапни патишта во населеното место Галичани.

„Денеска сме во село Галичани за да видиме до каде се стигнати работите со тампонирањето на патиштата кои водат до нивите и околината на селото. Вчера се работеше во село Беровци, а идната недела исти вакви активности ќе има и во селата Мажучиште и Кадино Село. Тоа што им го ветивме на жителите на населените места, дека ќе извршиме поправка на патиштата кои водат до нивите, како и други активности со кои ќе им го олесниме секојдневното живеење, ќе го оствариме. После 30-ти септември ќе имаме можност да ги користиме и претпристапните фондови на ЕУ, кои ни нудат уште повеќе можности и повеќе средства. Само да споменам дека само во наредната 2019 година, на нашата држава за таа намена ќе и’ стојат на располагање околу 90 милиони евра“, изјави Јованоски.

Градоначалникот Јованоски рече дека во следната година ќе се работи и на изградба на канализација во неколку населени места и дека за време на неговиот мандат, ќе го исполни сето она што им го ветил на граѓаните.

Кире Јосифоски, жител на Галичани, рече дека еден од најголемите проблеми со кои се соочува локалното население, се пристапните патишта до нивите, а голем проблем претставува и немањето канализациона мрежа.

„Улиците во Галичани две години не се тампонирани, сега благодарение на градоначалникот и локалната самоуправа, ти се во добра состојба. После извесно време очекуваме да бидат и асфалтирани, а ветено ни е да се изгради и канализација во населеното место, па се надеваме дека за брзо време и таа ќе биде направена“, истакна Јосифоски.

„Нашето село се соочува со многу проблеми, но најмногу од се’ состојбата на патиштата и канализацијата. Бидејќи нашето село е приградска населба, добро би било во иднина да се донесе урбанистички план. Се надевам дека оваа локална власт нема селективно да пристапува кон населението и дека ќе се асфалтираат сите патишта каде за тоа има потреба, без разлика на партиската припадност, бидејќи претходната гарнитура работеше селективно. Имаме полна доверба во градоначалникот и се надеваме дека ќе го оствари тоа што го вети, се разбира со наша помош“, рече Ахмет Ристеми, жител на село Галичани.