Се одржа меѓународниот натпревар „Prilep Open 2017“

Педесетина параглајдеристи од Македонија, Бугарија, Албанија и Косово денеска учествуваа на 5-иот по ред меѓународен натпревар „Prilep Open 2017“ во дисциплината „прецизно слетување“. Учесниците полетуваа од полетиште кај манастирот „Трескавец“.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со членовите на клубот „Skyriders“ на најдобрите учесници им доделија медалји.

„Денеска сме тука на завршниот ден од натпреварот ‘Prilep Open 2017’. Уште еднаш сакам да им посакам успешна работа на клубот ‘Skyriders’ и во иднина. Ги доделивме наградите на најдобрите параглајдеристи, коишто овие 2 дена летаа над Прилеп. И во иднина ќе го поддржуваме развојот на овој и кој било друг спорт во Прилеп“, порача градоначалникот Јованоски.

„Денеска условите за летање беа одлични. Трескавец како старт изненади со прекрасните услови, натпреварувачите се презадоволни, еве и после натпреварот има пилоти во воздух, што е доказ дека и во доцна есен, ова место нуди услови за летање“, истакна Златко Спиркоски, секретар на клубот „Skyriders“.

Теренот во Пелагонија според учесниците е еден од најдобрите во светот за развој на параглајдерството.

„Условите за развој на параглајдерството во пелагонискиот регион се одлични, термички има доста денови во текот на годината, има услови за големи прелети. Затоа од година во година сè поголем е бројот на странски пилоти, што доаѓаат овде. Моментално нивниот број годишно се движи околу 2.000, но се надеваме наредната година бројката да се искачи на 3.000 пилоти“, вели параглајдеристот, Кире Гиноски.

„Овде има одлични услови за полетување и слетување. Сега сме на ‘Трескавец’, имаме нов старт на ‘Топташ’, ‘Рибник’ до другата страна, Крушево. Спортот во Прилеп е многу развиен и се надеваме дека уште повеќе ќе се развива“, смета параглајдеристот, Кристијан Темелоски.

И странските натпреварувачи се восхитени од организацијата на натпреварот и условите што ги нуди Трескавец за развој на параглајдингот.

„Јас сум од Косово. Овде доаѓам скоро секој месец од 2.000 г, овие се светски терени. Имаме одлични релации со прилепскиот клуб и со вашата воздухопловна федерација“, вели Фадил Гергури, учесник од Косово.

„Параглајдерството го одбрав како спорт, затоа што тоа е екстремно, забавно. Чувството во воздухот понекогаш е спокојно, понекогаш има повеќе адреналин зависи од времето, но како и да е, многу е пријатно. Теренот кај ‘Трескавец’ е еден од најдобрите на коишто сум била досега“, истакна Лидија Ѓерманова, учесник од Бугарија.

Во машка конкуренција прво место беше Хиздри Губетини од Косово, второто место го освои Борјан Јованоски, а трет излезе неговиот брат Мартин Јованоски. Во женската конкуренција пак првото место го освои Цвета Григорова од Бугарија, второ место беше Жу Севова исто од Бугарија, додека пак на третото место заврши Деспина Станкоска, од Прилеп.

За 2 години во Пелагонија треба да се одржи и Светско првенство во параглајдерство.