Се интензивираат работите за санација и рехабилитација на патиштата во руралните средини од Пелагонискиот регион

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Македонија
пат, Беким Мемеди заедно со градоначалникот Илија Јованоски и претседателот
на општинскиот Совет, Миле Талевски денеска извршија увид во санацијата на
неколку регионални патишта на територијата на општина Прилеп, меѓу кои и на
патните правци Галичани – Кадино Село и Кадино Село – Боротино.

Министерот Сугарески рече дека е исклучително важно во моментов да се
подобри овој дел од инфраструктурата во Пелагонискиот регион.

„Многу е важно бидејќи луѓето кои се занимаваат со земјоделие тоа и го бараат од
нас. Јас се надевам дека со оваа санација на патот, на кој не било интервенирано 20-30 години, ќе го подобриме овој патен правец, а следната година планираме патот од Кадино Село до Боротино целосно да го рехабилитираме. Имаме одлична соработка со директорот на ЈП ‘Македонија пат’, така што и во наредните денови ќе продолжиме да работиме на санација на патиштата во овој регион, со цел да им излеземе во прсрет на граѓаните и она што во изминатиот период сме го ветувале како Влада, да го реализираме. Покрај изградбата и рехабилитацијата
на голем број автопатишта и експресни патишта, продолжува со несмален интензитет и на санацијата на локални и регионални патишта. Ги повикувам градоначалниците со нивните проекти да аплицираат во проектот на Светска банка од 70 милиони евра, со цел да им се помогне во изградбата и реконструкцијата на локалните патишта“, истакна Сугарески, напоменувајќи уште еднаш дека предвидена е реконструкција на патониот правец Кривогаштани – Крушево и дека во моментов се работи на проект за автопатско решение на патот Прилеп – Битола.

Градоначалникот Илија Јованоски рече дека во Програмата на Општина Прилеп
за тековната година, освен улиците во градот, предвидена е и санација на
патишта во руралните средини.

„Не само во градот, туку Општина Прилеп врши реконструкција и рехабилитација
на патишта и во руралните средини. Се санираат патиштата во овој регион, во кој
гравитираат селата Галичани, Кадино Село, Беровци, Мало Коњари. Се врши
рехабилитација на регионалниот пат од Галичани до Кадино Село, што секако
дека ќе биде во корист на граѓаните од овој регион. Овде нема да застанеме, туку
ќе продолжиме со санација и проширување на регионалниот пат од Топлочани до
Канатларци“, најави градоначалникот Јованоски.

„ЈП ‘Македонија пат’ со неколку проекти ќе учествува во изградба и реконструкција
на неколку патишта во Пелагонискиот регион. Ќе го споменам проектот кој денеска
го започнавме во општина Долнени, тоа е патот од Црнилиште до општина Чашка.
Прв пат после 50 години се асфалтира тој пат, со кој на жителите од општина
Долнени за 60 километри им се скратува патот до Скопје. Тие повеќе нема да
патуваат преку Плетвар, туку преку Бабуна ќе се приклучат на автопатот кај
Велес. ‘Македонија пат’ ќе учествува со хоризонтална и вертикална сигнализација.
Комплетно е обележан патниот правец Битола – Прилеп, а утре обележувањето
ќе продолжи кон Плетвар“, изјави директорот на ЈП „Македонија пат“, Беким
Мемеди.

Мемеди потенцираше дека во следните десетина дена ќе започне целосно
асфалтирање на патот Воѓани – Бучин, проект вреден околу 10 милиони денари.