Сè е подготвено за старт на меѓународниот ревијален натпревар во параглајдерство „Prilep Open 2017“

Прилеп викендов ќе биде домаќин на четвртиот натпревар во параглајдинг „Прилеп Опен 2017“. На дводневниот натпревар што ќе се одржи на полетиштата „Трескавец“ и „Новоселски рид“ кај Долнени ќе учествуваат 50-тина пилоти од Македонија, Бугарија, Косово и Албанија. Тие ќе ги демонстрираат своите вештини за прецизно слетување. Според организаторите временските услови не им се наклонети.
„Според метео извештаите се очекува посилен ветер и поради тоа не можевме до денеска да ја утврдиме точната локација на настанот. Сепак тоа не е проблем, организатроот и пилотите ќе чекаат поволни услови за почеток на натпреварот, што одлучивме ќе се одржи на полетиштата ‘Трескавец’ и ‘Новоселски рид’ кај Долнени“, изјави Златко Спиркоски, секретар на клубот за ектремни спортови „Skyriders“.
Клубот утре вечер ќе одбележи 25 годишен јубилеј од својата работа.

„Со ова нашиот клуб ќе го одбележи своето 25 годишно постоење и ќе направиме уште еден настан кој ќе биде интересен за градот Прилеп и за неговите граѓани“, истакна Ѓорѓи Манчески, претседател на клубот.
Целта на оваа манифестација е развој на параглјадерството и повиско рангирани натпревари во иднина, коишто ќе отворат нови перспективи на организаторите и учесниците.

Општина Прилеп ги поддржува сите активности на клубот, давајќи го својот придонес во развојот на спортот и во промоција на Прилеп, на светската мапа на градови што развиваат алтернативен туризам.