„Розова прошетка“ во знак на поддршка на болните од рак на дојка

Прилеп денеска беше дел од најголемиот светски настан за женското здравје Race for the Cure, настан кој им помага на организациите за рак на дојка во Европа да обезбедат средства и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.

Денешната „Розова прошетка“ беше во организација на Здружението за борба против ракот „Борка – за секој нов ден“ и Општина Прилеп, а градот под Марковите кули беше еден од 14-те градови во нашата земја кои се вклучија во манифестацијата која имаше и хуманитарен карактер.

„Сакам да ги поздравам сите организации и здруженија кои се грижат за здравјето на жените, како за излекуваните, така и за оние чие лекување е во тек. Тие истовремено работат и на подигнување на свеста кај граѓаните, а во оваа прилика им оддавам признание на членовите на здружението ‘Борка’, во чиј фокус на вниманието е борбата против ракот на дојка. Со учеството во денешниот настан, сите заедно се насочуваме кон она што значи живот. Како градоначалник и како Општина, секогаш ќе ги поддржуваме ваквите хуманитарни настани и хуманитарните организации и секогаш ќе бидеме со нив“, изјави градоначалникот Илија Јованоски, кој беше дел од „Розовата прошетка“.

„Овде сме за да им дадеме поддршка на сите жени кои се борат со ракот на дојка. Здружението ‘Борка – за секој нов ден’ помага со психотерапија, со обезбедување перики за сите жени кои што се борат не само со ракот на дојка, туку и со другите видови на рак. Секоја година во Скопје организираме ‘Розова прошетка’, а годинава заради пандемијата со коронавирус, тоа го правиме во 14 градови во земјата. Прошетката е со цел да им дадеме поддршка на сите оние кои се борат со ракот, но и почит на тие кои ја загубија битката со него“, истакна Елена Клекачкоска-Мирчевска, координатор на здружението „Борка – за секој нов ден“.

„Розовата прошетка“ започна од плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, за да преку Старата чаршија и булеварот „Гоце Делчев“, заврши повторно на плоштадот.

На годишно ниво, бројката на починати од рак на дојка во Европа изнесува 130.000, а во нашата земја повеќе од 400.

„Розовата прошетка“ се одржа со целосно запазување на мерките за заштита од коронавирус: користење на заштитни маски, дезинфекциони средства и одржување дистанца.