Реакција на прес-конференција на претседателот на ОО СДСМ Прилеп Зоран Пачешкоски

Почитувани,

Претседателот на ОО СДСМ Прилеп г-дин Зоран Пачешкоски на денешната прес конференција изнесе низа невистини во врска со конкретен предмет кој е од надлежност на локалната самоуправа. Во таа насока сметаме дека прилепската јавност заслужува да ја знае вистината и сотаа цел сакаме да Ве инфорираме за следното:

-Овластен градежен инспектор при Општина Прилеп, постапувајќи по работен налог по претходна писмена пријава извршил вонреден инспекциски надзор и за утврдената фактичка состојба изготвил Записник. Врз основ на Записникот од извршениот инспекциски надзор, овластениот градежен инспектор донел Решение за отстранување на дивоградба на деловен објект на локација од поранешен КАМ маркет. Незадоволен од претходното решение, а искористувајќи ја законската можност инвеститорот изјавил жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен . Второстепениот орган ја уважил жалбата на инвеститорот и по истата одлучил обжаленото решение да го поништи и предметот да го врати на повторна постапка во Општина Прилеп, која што е во тек.

Ве уверуваме дека оваа локална власт нема да дозволи селективна примена на било кој закон, затоа што законите мора да важат еднакво за сите.

Почитувани, времето на урбаната и градежна мафија во Прилеп заврши. Тоа е впрочем болката на СДСМ, затоа што помина времето кога во Прилеп, од нигде никаде никнуваа цели згради само поради некакви роднински и пријателски релации на одредени лица со највисоките партиски функционери. Помина времето кога поединци се богатеа на грбот на граѓаните.

Прилеп полека, но сигурно го враќа стариот препознатлив сјај, со домаќинско, чесно и транспарентно работење во интерес на сите. Граѓаните го препознаваат тоа!