Од денес во функција е новата детска градинка „Бајка“, сместена во урбаното јадро на населбата Точила. Градинката има капацитет за 218 деца од предучилишна возраст и веќе од првиот ден е исполнета со детски џагор.
На свеченото отворање присуствуваа градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓорѓи Велковски, пратениците од Прилеп, претседателот на Советот, директори на јавни претпријатија, советници и претставници од локалната самоуправа. Дечињата им приредија пригодна програма, со што дополнително го разубавија настанот.
Градоначалникот Јовчески ја истакна важноста на овој капитален проект:
„Овој објект, со капацитет за над 200 деца, е од непроценливо значење за семејствата чии деца со години чекаа на згрижување во јавните градинки во Прилеп. Кога ја презедовме функцијата, градинката постоеше само како започнат објект, карабина со еден кат. Денес, благодарение на посветената работа, имаме целосно завршена, опремена и функционална градинка, изградена со средства во износ од 133 милиони денари, целосно обезбедени од општинскиот буџет.“
„Извршивме доработка и адаптација на првичниот проект, изградивме трафостаница, поставивме ограден ѕид за безбедност, набавивме современи реквизити и го опремивме просторот според највисоки стандарди за предучилишна грижа. Оваа градинка не е само објект – таа е симбол на нашата посветеност кон децата, семејствата и иднината на Прилеп.“
Заменик-министерот Велковски посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади учествувало со 9 милиони денари во делот на опремување на градинката:
„Ова е еден од најубавите објекти во земјава. Ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на условите во градинките низ цела држава, со цел да се минимизира бројот на деца кои чекаат место за згрижување. Ќе се залагаме за модерни и функционални простори кои ќе овозможат квалитетна заштита и едукација на децата.“
Со отворањето на градинката „Бајка“ значително се подобруваат условите за згрижување на децата во Прилеп, каде што повеќе од 300 деца досега беа на листа на чекање.
Директорката на ЈОУДГ „Наша иднина“, Христина Трпческа, информираше:
„Во моментов во новата градинка се згрижуваат 140 деца, распределени во една јаслена и десет воспитни групи. По летните одмори планираме градинката да работи со полн капацитет. Со ова значително ќе ја намалиме листата на чекање и ќе го олесниме пристапот до предучилишна грижа.“
Градинката „Бајка“ е современ објект со вкупна површина од 5.030 квадратни метри, со сопствен парк, урбана опрема и функционален распоред на простории – десет занимални и јаслени простории, распределени на приземје и кат. Објектот има централно подно греење и ги исполнува највисоките стандарди за енергетска ефикасност.
ЈОУДГ „Наша иднина“ моментално има седум објекти во кои се згрижени 1.340 деца. На листата на чекање сè уште се околу 100 деца, но локалната самоуправа веќе има планови за изградбa на нова градинка во населбата Рид, со што дополнително ќе се реши овој долгогодишен проблем.