Прилепските училишта „Ристе Ристески-Ричко“ и „Кочо Рацин“, го одбележаа својот патрон празник

Со литературното читање и изведбата на хуманитарната претстава „Приказна за
Прилеп“ во театарот „Војдан Чернодрински“, СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ ги
започна активностите за одбележување на својот патрон празник. Во склоп на
чествувањата се и спортските натпревари кои денеска ќе се одржат во
училишната спортска сала, како и натпреварот во шах.

Прославата на патрониот празник ќе продолжи и утре, сабота 21 декември, со
полагање цвеќе на Могилата на непобедените и свечената програма која во чест
на патронот ќе се одржи во киното „Мис Стон“.

По повод 111 годишнината од раѓањето на Кочо Рацин, својот патрон празник
денеска го славеше и прилепското основно училиште кое го носи името на
големиот македонски книжевник и поет. Свечената програма која се одржа во
киното „Мис Стон“, а за која учениците од ова училиште подготвија пригодна
програма, помина во знакот на 80 годишнината од издавањето на најпознатото
дело на Кочо Рацин, стихозбирката „Бели мугри“.