Прилепските советници ги усвоија тримесечните финансиски извештаи на јавните претпријатија

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа 27.Седница, на чиј обемен дневен
ред се најдоа 46 прашања.

Членовите на Советот дадоа согласност за тримесечните извештаи за
финансиското работење на општинските јавни претпријатија ЈКП „Водовод и
канализација“, „ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Пазари“, ЈП за ПУП, како и на
финансискиот извештај на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Кстески-Платник“.

Прилепските советници ја усвоија Информацијата за безбедносната состојба на
подрачјето на ПС од Општа надлежност – Прилеп, во текот на второто полугодие
од 2018 година.

„Активностите на ПС од Општа надлежност – Прилеп во текот на второто полугодие на 2018 година, беа насочени кон зголемена професионалност и зголемен степен на ефикасност во спречување и откривање на сите форми на криминалитет и обезбедување стабилен јавен ред и мир, како и безбедно
одвивање на сообраќајот на патиштата во нашата општина. Во овој шестмесечен период, криминалитетот бележи намалување во однос на 2017 година од 11,5 отсто. Или поточно, за разлика од 2017 година кога било регистрирано 751 кривично дело, во периодот од 01.07.2018 до 31.12.2018, нивниот број изнесувал 664. Безбедносната состојба со јавниот ред и мир за споменатиот период се оценува како поволна и стабилна. Во областа на сообраќајот, во извештајниот период регистрирани се 103 сообраќајни незгоди со потешки последици, во кои животот го изгубиле 8 лица“, изјави Билјана Мантароска, помошник командир за јавен ред и мир и превенција при ПС од Општа надлежност – Прилеп.

На денешната седница, членовите на општинскиот Совет дадоа согласност на
Програмата за решавање на проблемот со сопственичките и бездомните кучиња
на територијата на општина Прилеп за периодот 2019-2021 година, донесоа
одлуки за легализирање на бесправно изградени објекти и расправаа и за други
прашања кои се од интерес на граѓаните на општина Прилеп.

После завршувањето на расправата по првата точка, која се однесуваше на
носење измени и дополнување на Статутот на Општина Прилеп, опозициските
советници ја напуштија седницата.