Во рамки на подготовките за 24. издание на карневалската манифестација „Прочка 2026“, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, оствари значајна средба со претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови (FECC), г-дин Ларс Алгел од Шведска, и потпретседателот Александар Цицимов.
На средбата се разговараше за активностите поврзани со организацијата на карневалот во Прилеп, како и за важноста од неговото меѓународно позиционирање и развој на Прилеп како препознатлива европска карневалска дестинација.
„Прилеп со својата традиција, дух и енергија заслужува да биде препознаен како град на карневалот, културата и туризмот. Важно е заедно да делуваме за да го подигнеме карневалот на повисоко меѓународно ниво, со поголема видливост, повеќе учесници и атрактивна карневалска програма“, истакна градоначалникот Проданоски.
Визијата на нашата локална самоуправа е карневалот повторно да се врати на меѓународната карневалска сцена, да се збогати програмата и Прочка повторно да се позиционира на европската карневалска и туристичка мапа.
Прилепскиот карневал „Прочка“ е уникатен и по своите автентични маски, кои рачно се изработуваат од природни материјали и ја отсликуваат вековната традиција, креативноста и хуморот на прилепчани.
Карневалот „Прочка 2026“ ќе се одржи на 22 март, на празникот Прочка, со што и оваа година продолжува долгата традиција на одржување на „градот под Марковите кули“ како град под маски, радост и заедништво.

