Прилеп по трет пат ќе биде домаќин на меѓународното рели „Macedonian Trophy 4×4“

Овој викенд Прилеп по трет пат ќе биде домаќин на меѓународниот натпревар
„Macedonian Trophy 4×4“, кој се одржува во организација на клубот за
екстремни спортови “Оф роуд Прилеп”. На релито учествуваат над 300 возачи
на џипови од повеќе земји, кои денеска се фокусираа на првата ноќна трка
долга 25 км, во траење од 4 часа.

„’Macedonian Trophy 4×4’ по трет пат го одржуваме во нашиот град. Ова е
настан од единствен карактер од ваков вид во РМ, а оваа година новитет е што
се вози 3 дена, од кои денешниот ден е резервиран за ноќната етапа. Стартот
е предвиден да биде околу 19 часот. Се вози по патна книга, предвидено време
за завршување на ноќната етапа е 4 часа. Во саботата стартот е предвиден кај
Лагово, околу 10 часот, кога учесниците ќе поминат траса долга околу 60
километри и која исто така се вози по патна книга. Во тие 60 километри имаат
околу 7-8 специјали, кои мора да ги поминат во најбрз временски период. Во
неделата пак, е предвидено да се вози затворената траса и ќе се вози на
полигонот за екстремни спортови ‘Старо Лагово’, рече Панчо Чупаркоски,
организатор на настанот.

Учесниците доаѓаат од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, а најмногубројни
се од Бугарија. Сите се согласни дека овој настан е многу добар и има супер
организација.

„Јас доаѓам по втор пат овде, тука бев пред две години. Минатата не бев, но
еве сега повторно сме тука, супер домакини сте, стазите се оригинални и само
пофални зборови за организаторот“, вели Бранислав Батак од Србија.

„По втор пат сум тука и сум навистина сум радосен поради тоа. Премногу сме
задоволни, многу е добро организиран настанот“, вели Ване Ефремов од
Бугарија.

„Macedonian Trophy 4×4“ е единствено натпреварување во земјава од ваков
карактер и претставува одлична промоција на Прилеп и Македонија во
пошироки рамки.