Прилеп по 18-ти пат им оддаде почит на хероите од Карпалак

И после 18 години од трагичниот 8 август 2001 година, болката и тагата на
прилепчани не згаснуваат. Свежи се сеќавањата на тој кобен ден, кога животот го
загубија десет резервисти од Прилеп. Во нивна чест денеска се одржа панихида
во црквата „Св. Петка“ на која присуствуваше и градоначалникот на Општина
Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Совет, Миле Талевски и советниците,
семејствата на загинатите прилепски бранители како и нивни соборци.
Делегацијата рано наутро ги посети и вечните почивалишта на бранителите во
градот и во населените места, а делегации од здруженијата на бранителите ја
посетија и месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година се случи трагичниот
настан.

Централната манифестација се одвиваше пред спомен обележјето „Карпалак“ во
центарот на Прилеп, каде свежо цвеќе положија: делегација од Општина Прилеп
предводена од градоначалникот Илија Јованоски, делегација од Министерството
за одбрана и Генералштаб на Армијата, предводена од заменичката на
Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска,
делегација од кабинетот на Претседателот на Р. Северна Македонија, г-дин Стево
Пендаровски, делегација од Собрание на Р. Северна Македонија, предводена од
пратеничката Кети Смилеска, делегации од здруженија на борци од Прилеп и
Македонија, семејствата на загинатите бранители и политички партии.

„Овој дел од историјата ќе остане во нашата меморија и оваа храброст мора да се
памети. Нема поголема болка од тоа да изгубиш најблизок и никој не може да ја
донесе таа утеха. Не 18, 180 години да поминат вие и вашите идни поколенија
секогаш ќе погледнувате во овој споменик, ќе си поставувате прашања, ќе се
сеќавате, ќе паметите и ќе жалите. Денес оваа нивна жртва, покажува колку на
сите нас мора да ни бидат важни мирот и стабилноста“, истакна во својот говор
министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Градоначалникот Јаваноски во своето обраќање истакна дека тагата заедно ја
делиме сите, иако таа најдлабоко ја чувствуваат семејствата. Знаеме дека некои
нешта едноставно не можеме да ги вратиме, но најмалку што може да направиме
е да го негуваме и да го почитуваме нивното херојско дело.

„Денес сите ние заедно сме горди сведоци на нивното херојство, храброст и
граѓанската одговорност, кога тоа од нас го бара татковината. Во овие заеднички
мигови на тага и сеќавање на семејствата, сакам да знаете дека вашата болка е и
наша болка. Со денешното чествување да ја споделиме тагата со вас, нивните
најблиски, семејствата на загинатите наши храбри сограѓани. Верувам дека
денешното чествување ви дава барем малку сила и утеха, правејќи не сите горди
на нивното херојство и пожртвуваност“, истакна градоначалникот Јованоски.

На 8 август, 2001-та година, на патот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак беа
убиени десеттемина прилепски армиски резервисти: Сашо Китановски, Нане
Наумовски, Марко Деспотовски, Љубе Груески, Бранко Секулоски, Дарко
Велјаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован
Шабаноски.