Прилеп ја прослави градската слава Св. Никола

Во присуство на голем број верници, Прилеп денеска го одбележа патрониот празник Св.Никола, заштитникот на градот.
По утринската света божествена литургија во црквата „Св.Благовештение“, попладнево во присуство на неговото преосвештенство, Митрополитот Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско – Новозеландски, г. Петар и свештениците од прилепското црковно намесништво, граѓани, верници, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, пратеници, советници и гости, се одржа водоосветување и прережување на празничниот славски колач во чест на светецот, пред параклисот Св. Никола, во центарот на Прилеп.

„Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата. Токму затоа локалната самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво, но исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин, добронамерник, да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство. Во знакот на празничната симболика би сакал на сегашните и новите домаќини да им го честитам денешниот празник и да им посакам Свети Никола да им донесе многу здравје, среќа и бериќет. И на сите вас мои драги прилепчани, ви посакувам убави празнични денови, многу здравје и среќа во вашите домови! Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Свети Никола!„- истакна пред присутните, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и на новиот домаќин на градската слава за в година, симболично и’ подари икона.
Светиниколското чествување беше одбележано и со традиционалната богата посна светиниколска трпеза, со светиниколските мали сармички, посно гравче, риба и пијалок, која беше поставена на плоштадот „Александрија” за сите добронамерници и верници.

Вчера пак, во предвечерието на празникот Св Никола, жителите од нас.Жабино Маало, го прославија верскиот празникот, пред параклисот кој се наоѓа во нивната населба и го носи името на светецот. Водоосветување и прережување на празничната погача се одржа во присуство на голем број граѓани, верници, локални преставници на власта, пратеници, советници и добронамерници. Домаќин на светиниколското чествување во населбата Жабино Маало, беше РК Прилеп.