Денеска, на 4 мај, со положување свежо цвеќе на спомен-обележјата на Гоце Делчев во ООУ „Гоце Делчев“ во Прилеп, на споменикот на нашиот прилепчанец Пере Тошев во центарот на градот, на неговиот гроб во црквата „Свето Благовештение“, како и на Могилата на непобедените, симбол на непокорот на прилепчани, ја одбележавме 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев и 114 години од смртта на Пере Тошев.
Воедно, го одбележуваме и патрониот празник на ООУ „Гоце Делчев“, горди што младите генерации растат и се воспитуваат во духот на неговото дело и идеали.
Овие двајца великани не само што ги положија своите животи за слободна Македонија, туку оставија и траен завет за идните генерации, дека љубовта кон татковината и стремежот кон слобода се највисоките човечки идеали.
Гоце Делчев и Пере Тошев беа визионери, со непоколеблива верба во правото на македонскиот народ да живее слободно и достоинствено. Нивната жртва е темелот врз кој се гради нашата државност, а нивниот пример е патоказ да ја чуваме Македонија, да ја градиме со посветеност и љубов и да ја пренесеме на идните генерации.

