Прилеп и Куманово заедно ќе ја чествуваат 77 годишнината од Денот на народното востание „11 Октомври“

Прилеп и Куманово годинава заедно ќе ја чествуваат 77 годишнината од
почетокот на антифашистичката борба. Двата града имаат богати културно
–уметнички програми. Во Прилеп вечерта спроти 11 Октомври, традиционалната прослава со импровизиран напад на градот и импресивен огномет ќе почне во 18 часот, во центарот на градот пред Участакот. А, во Куманово точно на празникот ќе се одржат бројни културни и спортски активности. Делегација на Општина Куманово, предводена од градоначалникот Максим Димитриевски, ќе присуствуваат на чествувањето во Прилеп, а следниот ден делегација на Општина Прилеп предводена одградоначаланикот Илија Јованоски ќе чествуваат во Куманово.

„Ќе чествуваме заедно Прилеп и Куманово, двата града каде што почнал вооружениот антифашистички отпор. Прилеп има богата Програма што ќе трае една недела. Почна со турнир во џудо, а ќе заврши со Државен шампионат во авто слалом ‘Прилеп- 11 Октомври“,најави градоначалникот
Илија Јованоски, денеска на прес конференција.

Јованоски соопшти дека реплика на украдениот орден „Народен Херој“, по
повод празникот ќе биде поставена во општинската зграда и во
меморијалниот музеј „11 Октомври“.

Директорот на Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски истакна дека репликата во меморијалниот музеј „11 Октомври“ ќе биде изложена до бистата на Јосип Броз Тито, којшто на 07 мај 1975 година го одликуваше
Прилеп со овој орден. Атанасоски посочи и дека претходното раководство на
Завод и Музеј –Прилеп ја тргнало бистата на Јосип Броз Тито од историската поставка во овој музеј. Но, денес таа е вратена на местото, а за неколку дена и реплика на орденот ќе си најде свое место во овој музеј, со што ќе се заокружи целата историска поставка која што говори за НОБ,еден од
најзначните периоди од македонската историја.

Во рамките на одбележувањето на „11 Октомври“ со свои активности и
богата програма се вклучува и центарот за култура „Марко Цепенков“. Освен
премиерата на претствата ‘Казимир и Каролина’ во режија на Нела
Витошевиќ, што ќе се одржи утре, планирани се и бројни други активности.

„Со Марко на улица“ е фестивалот што во организација на Центарот за
современа ликовна уметноста (ЦСЛУ) ќе се одржува три дена, во недела кога
Општина Прилеп го чествува „11 Октомври“.

„Темата, начинот на реализацијата и нејзината визуелизација, што сметаме дека е исклучително атрактивна, се најзначајните аспекти за овој фестивал,којшто според својата презентација се одржува прв пат можеби не
само во Прилеп,туку и во цела Македонија. Секоја година ќе избираме по еден лик или дело, за којшто сметаме дека има потреба да се реактуелизира. Годинава фестивалот ќе биде посветен на Марко Цепенков. Користејќи
современи уметнички техники и современа технологија, ќе го прикажеме како урбан херој, за да биде дел од животот на еден нов урбан начин. Зошто е Марко Цепенков заслужен, сите знаење. Но, ќе актуелизираме на еден нов урбан начин. Затоа сите промотивни материјали се изработени врз основа на шесте прототипи на Марко Цепенков како диџеј, режисер,ликовен уметник,театарски работник… И студијата ќе бидат претставени во работилници “,соопшти Звонко Димоски, организатор на фестивало дел од богатата содржина на „Со Марко на улица“.

Фестивалот ќе биде отворен во четврток во 17.45 часот пред центарот за
култура „Марко Цепенков“ со т.н. огнена претстава. А, потоа ќе следат други
тематски содржини.