Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, учествува на Самитот на мрежата на балкански градови (B40), кој се одржува во Загреб под мотото „Градовите како двигатели на одржливиот развој“. Самитот е посветен на актуелни теми поврзани со урбаниот развој, регионалната соработка и иновативните пристапи во управувањето со градовите.
Во рамки на Самитот, градоначалникот Проданоски ги презентира приоритетите на Општина Прилеп, со посебен фокус на воведување паметни решенија за подобрување на квалитетот на живот, јакнење на економската соработка и поврзување на локалните бизниси со регионот, како и дигитализација на општинската администрација.
Овие приоритети се усогласени со официјалната агенда на Самитот, кој опфаќа панели и дискусии за зелена транзиција, паметни и отпорни градови, урбано лидерство и енергетска трансформација. На настанот учествуваат градоначалници и претставници од бројни балкански градови, меѓу кои Загреб, Сплит, Сараево, Котор, Приштина, Софија, Солун и многу други.
Делегацијата на Општина Прилеп ја сочинуваат: градоначалникот Дејан Проданоски, Билјана Кржеска, претседателка на Советот на Општина Прилеп, како и Игор Николоски, член на Советот на Општина Прилеп. Во рамки на Самитот се реализираат билатерални средби и разговори со претставници на мрежата ЕУРОСИТИС, насочени кон унапредување на соработката и поддршка на идни развојни проекти.
Учеството на Самитот во Загреб претставува значаен дел од меѓународните активности на Општина Прилеп и можност за размена на искуства, идеи и добри практики во насока на одржлив локален развој.

