ПРИЛЕП Е РЕГИОНАЛЕН ЛИДЕР ВО ЦИРКУЛАРНАТА ЕКОНОМИЈА

0

Општина Прилеп ја доби наградата за општинско лидерство во циркуларната економија во Западен Балкан

Општина Прилеп е добитник на наградата „Municipal Circular Leadership Award 2026“, со која е прогласена за лидер во циркуларната економија во категоријата општинско лидерство на регионално ниво, во Западен Балкан. Меѓународното жири го избра Прилеп меѓу вкупно 63 пријавени апликации.

Наградата му беше врачена на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, на свеченото доделување на признанијата во Приштина, Република Косово.

Градоначалникот Проданоски истакна дека признанието е потврда за досегашните напори на Општина Прилеп во областа на управувањето со отпадот и дополнителен поттик за продолжување на започнатите активности.

„Ова признание е значајно за Општина Прилеп и за нашето место во Западен Балкан, но истовремено е и поттик да продолжиме со уште посилно темпо и да го развиваме она што го започнавме пред 20 години.

Најпрво, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои учествуваат во селекцијата на отпадот. Ги повикуваме сите семејства активно да се вклучат во овој процес и селекцијата да стане секојдневна навика.

Во наредната фаза следуваат подготовките за градежните активности поврзани со фабриката за секундарна селекција на отпад, која ќе има капацитет од 10 тони на час. Паралелно, разговараме со компанијата „Бехтел и Енка“ за рекултивација на постојната депонија, со цел да се уреди просторот и да се намали видливоста на депонираниот отпад.

Потоа ќе продолжиме со активностите за вклучување во системот на регионалната депонија. Со развојот на нашиот систем за селекција ќе ја намалиме количината на отпад што се одлага, а со тоа и трошоците поврзани со неговото депонирање. За одлагањето на отпадот во регионалната депонија се плаќа, па затоа секој чекор кон подобра селекција значи и можност за намалување на трошоците. На тој начин, Општината ќе може да располага со повеќе средства за понатамошен третман на отпадот“, рече градоначалникот Дејан Проданоски при доделувањето на наградата.

Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп упатуваат апел до граѓаните да продолжат активно да го селектираат отпадот, бидејќи со тоа директно придонесуваат за почист град и поздрава животна средина.

„Во април, во близина на терминалот, отворивме посебен пункт каде што граѓаните можат да одлагаат текстил, електричен и електронски отпад, како и стакло. Ги повикуваме сите прилепчани правилно да го селектираат отпадот за да имаме почист град и поздрава животна средина“, истакна Љубиша Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

За значењето на едукацијата и поттикнувањето на циркуларната економија зборуваше и Ангелина Танева Весовска, директорка на Институтот за истражување во областа на животната средина, архитектурата и енергетиката (IEGE). Таа посочи дека отпадот не мора да биде крај на еден процес, туку може да претставува почеток на создавање нова вредност.

„Центарот за циркуларна економија за Западен Балкан има цел да ги обедини сите што веќе се активни во оваа област, без разлика дали станува збор за организации или поединци. Тие можат да доаѓаат од приватниот сектор, но ги покануваме и јавните институции, бидејќи само заедно можеме вистински да учествуваме во процесот на транзиција кон циркуларна економија“, истакна Танева Весовска.

Урим Јаравина, извршен директор на косовската организација за заштита на животната средина „Green Renaissance“ (Зелена ренесанса), која е меѓу организаторите на настанот, оцени дека Општина Прилеп е добар пример за вклучувањето на локалната самоуправа и нејзините институции во примената на принципите на циркуларната економија и намалувањето на отпадот.

„Кога станува збор за организиран пристап и соодветна законска регулатива, Балканот сè уште е во почетна фаза на развој на концептите за циркуларна економија. Ваквите примери, како оној на Општина Прилеп, покажуваат дека соработката и конкретните активности даваат резултати. Настанот ни овозможи да се сретнеме со луѓе кои размислуваат слично, да воспоставиме партнерства, да развиваме идеи и заеднички да придонесуваме за поздрава животна средина во регионот“, рече Јаравина.

Настанот „Western Balkans Circular Economy Awards 2026“ беше организиран од „Western Balkans Circular Economy Hub“ (WBCEH) и „Green Renaissance“ (Зелена ренесанса), во соработка со „Community Development Fund“ (CDF) и Амбасадата на Шведска во Косово.