Прилеп – домаќин на осмото издание на меморијалниот меѓународен турнир „Миле Нешкоски“

Попладенево, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, претставници од РК Прилеп, спортисти, ракометни љубители, некогашни и сегашни ракометари, спортски работници, претставници од учесниците на турнирот, пред Универзалната сала во Прилеп, положија цвеќе и се поклонија пред спомен обележјето на некогашниот ракометен спортски ас Миле Нешкоски, во чија чест и спомен се игра осмиот меморијален ракометен турнир „Миле Нешкоски“.

Пред присутните, градоначалникот Борче Јовчески ја нагласи важноста од постоењето на овој ракометен турнир и на учесниците им посака успешно натпреварување – ,,да победи најдобриот”, рече тој и истакна:
„Им благодарам на сите оние кои вложија енергија и посветеност, овој меморијален ракометен турнир да опстане и да се одржи. Општина Прилеп, и јас како градоначалник, секогаш ќе ја даваме максималната поддршка за ракометот, спортот и младите, бидејќи токму преку спортот, младите можат да учат за вистинските вредности: за дисциплина, соработка, меѓусебна почит, за фер-плеј и тимска игра, за споделување на победи, но и за прифаќање на порази. Стoejќи пред споменикот на Миле Нешкоски, пред Универзалната сала, која е храмот на ракометот, сакам да истакнам дека ми е жал што Прилеп прерано загуби еден ваков ракометен борец, што денеска го немаме меѓу нас, и жал ми е што не можеме токму тука, во Универзалната сала да го одржиме турнирот посветен во негова чест.„
Меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски” започнува денеска, а финалните натпревари ќе се играат на 28ми август. На турнирот ќе настапат шест домашни и две странски екипи. Натпреварите ќе се играат во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, а влезот за сите љубители на ракометот е слободен.