Предавање на Сојузот на борци и ДНУ на тема „Прилеп и прилепско низ минатото“

Денеска во просториите на Градската библиотека “Борка Талески“, се одржа предавање на тема „Прилеп и прилепско низ минатото“. Предавањето беше организирано од страна на општинскиот Сојуз на борци на град Прилеп и Друштвото за наука и уметност.

На предавањето воведен збор имаше д-р Круме Соколоски, претседател на Сојузот на борци, кој посочи:

„Целта на денешниот настан е да се одбележи Прилеп, неговиот културно-историски развој во минатото, од пред 1.000 години, па се’ до денеска. Прилеп бил средиште на  многу настани уште од византиско време, од НОБ. Пред повеќе години издадена е монографија за Прилеп и прилепско низ вековите. Таму се опишани сите историски настани, како и други настани кои се од времето на Цар Самоил и би било убаво сегашните и идните генерации да доживеат второ издание на монографијата, за ние како прилепчани да го знаеме нашиот град, нашата околина и каква била таа во минатото“, посочи Соколоски.

Илија Велкоски, советник кустос по историја на уметност и предавач на трибината, посочи дека темата е популарна, а се работи за историјатот на Прилеп и прилепско.

Организаторите истакнаа дека станува збор за многу интересна тема, а токму Друштвото за наука и уметност сака да обработува теми од научен аспект, со цел да даде придонес и соодветна едукација што е од поширок јавен интерес.