Повеќе од 200 учесници на државното првенство во џудо за пионери и кадети

Во спортската сала на ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, денеска се одржа
државното првенство во џудо за помлади пионери и кадети. На првенството
учествуваа 18 клубови со повеќе од 200 натпреварувачи.

„Денешното првенство претставува филтер за селектирање на џудо
репрезентацијата на Македонија, која ќе нѐ претставува на претстојното
Балканското првенство, но и на други меѓународни натпревари. На државното
првенство учествуваат 18 екипи, со над 200 натпреварувачи“, изјави претседателот
на Џудо федерацијата на Македонија, Зеглул Реџепи.

Прогласувајќи го првенството за отворено, градоначалникот Илија Јованоски уште
еднаш ја истакна важноста на спортот за правилниот развој на младите луѓе.

„На сите учесници им посакувам фер борба и нека победат најдобрите. Сум кажал и
пак ќе повторам, дека како градоначалник на општина Прилеп ќе ги поддржувам
младите, ќе го поддржувам спортот во градот, затоа што е од огромно значење за
младите генерации.

Државното првенство беше во техничка организација на џудо клубот „Сешин“ од
Прилеп и Џудо федерацијата на Македонија.