Повеќе од 100 експонати изложени во новоотворениот Лапидариум на НУ Завод и музеј – Прилеп

Со пригодна свеченост, денеска во НУ Завод и музеј – Прилеп беше отворен
Лапидариумот, поставка во која се сместени стотина експонати од мермерната
пластика, пронајдени во повеќе локалитети од територијата на општина Прилеп.

Претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски истакна дека Прилеп
поседува богато културно наследство, кое вклучува и неколку значајни музеи кои
изобилуваат со богати и вредни поставки на значаен број артефакти и предмети.

„Обврска на сите нас е да го заштитуваме, негуваме и промовираме ова наше богато културно наследство, за да можеме сочувано, уште повредно да го предадеме на генерациите кои доаѓаат, за да продолжи да раскажува за
убавините на нашиот град. Културното наследство е еден од главните генератори
за развој на туризмот, а со тоа и развој на економијата. Општина Прилеп, во рамките на своите надлежности, е и ќе остане да биде главен промотор и поддржувач на активностите чија цел е промоција, чување и негување на нашето природно и културно наследство“, изјави Талевски.

Благоја Атанасоски, директор на НУ Завод и музеј – Прилеп, рече дека
припремите за отворање на Лапидариумот траеле повеќе од една година, чиј
резултат е соодветниот простор каде е сместена оваа постојана поставка.

„Стотината експонати најдени од локалитетите кои се простираат на територијата на општина Прилеп, сметаме дека се од голема важност и дека се многу интересни за сите заинтересирани граѓани кои во иднина ќе дојдат да го посетат
Лапидариумот. Со оглед на тоа што тој се наоѓа во склоп на НУ Завод и музеј, тој ќе биде отворен нон стоп, така што и после работното време наши кустоси ќе им стојат на располагање на посетителите“, напомена Атанасоски.

Археологот-кустос во НУ Завод и музеј-Прилеп, Оливера Богатиноска вели дека
Лапидариумот е можност посетителите да се запознаат со симболиката на
мермерот како траен медиум за пренесување вести.

„Збирката на епиграфски споменици и камена пластика резултира со над 100
експонати од архитектонска камена пластика и антропоморфна, како и
ранохристијанска архитектонска пластика од прилепскиот регион. Посетителите ќе
имаат можност да се запознаат со симболиката на мермерот, како еден траен
медиум за пренесување вести и пренесување на една фунерарна симболика, како
и да се запознаат со верувањата во задгробниот живот на нашите предци“,
потенцираше Богатиноска.

По повод денешното отворање на Лапидариумот, ученици од прилепските
основни училишта „Кире Гаврилоски-Јане“, „Добре Јованоски“ и „Гоце Делчев“,
како и ОУ „Мирче Ацев“ од с. Лажани, изведоа пригодна програма.