Подготовките за „Пивофест 2018“ во полн ек, фестивалот на пивото ќе го отворат Бени и Нонстоп

На 15 денови од почетокот на годинешното 16-то издание на „Пивофест 2018“,
полека привршуваат подготовките за најголемиот фестивал на пивото и скарата
не само во Македонија, туку и на пошироките балкански простори.

Покрај различните видови на пиво и познатата прилепска скара, од 12 до 15 јули
на централната бина ќе продефилираат многу познати имиња од домашната и
странската музичка сцена. Од агенцијата „Ентфинити“, која е организатор на
„Пивофест 2018“, велат дека музичката програма е прилагодена за сите
посетители и генерации, независно од нивната возраст и музички афинитети.

„Пивофест 2018“ ќе го отворат Бени и Нонстоп, а во текот на четирите вечери,
посетителите ќе имаат можност да ги проследат настапите на Жељко Јоксимовиќ,
Шабан Шаулиќ, Црвена јабука, Ван Гог, Мозел, Кирил Џајковски, Џенан
Лончаревиќ, Тони Зен и други.

За посетителите од другите градови, на Паркот на револуцијата ќе биде
организирано кампување, за кои ќе бидат обезбедени топли напитоци и супа, а
ЈКП „Комуналец“ ќе постави туш кабини. Цената на паркингот е намалена за 50%
во однос на претходните години и наместо досегашните 100, ќе изнесува 50
денари за еден ден.

„Пивофест 2018“ ќе се одржи во центарот на градот, на 29 локации со вкупна
површина од 4.176 м2.