По повод информациите кои се појавија на одредени медиуми, а кои се однесуваат на исечените дрвја на ул.„Прилепски бранители“, Општина Прилеп до јавноста го испраќа следното соопштение:

Со изградба на булеварскиот дел на ул.„Прилепски бранители“, оперативно техничките стручни служби на ЈКП „Комуналец“- Прилеп утврдиле две проблематични дрвја со скоро трул корен, со локација кај семафорите пред поранешната Градска кафеана. Според мислењето на стручните служби на јавното претпријатие, дрвјата претставуваат потенцијална опасност за минувачите и материјалните добра, заради што од локалната самоуправа на Општина Прилеп побараа да ја утврди нивната состојба и да издаде Решение за нивно сечење.

На основа на барањето на ЈКП „Комуналец“, четиричлена комисија на локалната самоуправа, формирана од градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, изврши увид при што констатира дека дрвјата се дотраени и дека е потребно нивно сечење.

Од тие причини, со цел отстранување на опасноста по минувачите и материјалните добра, Одделението за комунални работи при ЕЛС Општина Прилеп, на ЈКП „Комуналец“ му издаде Одобрение за нивно сечење.