По 15-ти пат Прилеп ја одбележа градската слава „Свети Никола“

Во услови на пандемија на Ковид-19, со почитување на мерките за заштита од
вирусот, скромно и во различни услови, Општина Прилеп по 15-ти пат го
одбележа патронот на градот и големиот христијански празник „Свети Никола“.

После свечената божествена литургија во црквата „Св.Благовештение“, пред
параклисот во центарот на Прилеп, во присуство на градоначалникот Илија
Јованоски и годинешниот домаќин на градската слава, сопственикот на
компанијата „Футура“, Тони Тарунџиоски, следеше сечење на славскиот колач.

„На сите граѓани кои го слават денешниот празник, им ја честитам домашната
слава ‘Свети Никола’ и им посакувам добро здравје, среќа и радост. Оваа година
условите налагаат малку поразлично да го одбележиме патронот на градот, затоа
Тони Тарунџиоски и следната година повторно ќе биде домаќин на градската
слава. Се надевам дека тогаш празникот ќе го одбележиме онака како што
доликува и согласно традицијата. Во оваа прилика упатувам уште еден апел до
сите граѓани, да се придржуваме на новите мерки кои ги предложи Комисијата за
заразни болести, да одржуваме дистанца, да носиме заштитни маски, да не се
групираме и достоинствено да ги одбележиме празниците“, изјави
градоначалникот Јованоски.

„Почитувани сограѓани, на сите вам сакам да ви го честам празникот ‘Свети
Никола’. Поради настаната ситуација со пандемијата, празникот ќе го славиме
поскромно. Се надевам дека следната година ќе живееме во нормални услови, а
не како сега во чудни и тешки времиња. Нека е напомош и за многу години денот“,
истакна годинешниот домаќин, Тони Тарунџиоски, кој и следната година ќе биде
домаќин на градската слава, со надеж дека тогаш празникот ќе биде одбележан
согласно досегашната традиција.