Општина Прилеп воведе електронска наплата на даноци – брзо и ефикасно подмирување на обврските

Даночните обврзници – физички и правни лица во Општина Прилеп, од оваа година имаат можност своите обврски, комуналните такси и данокот на имот да ги подмират преку електронска наплата. Апликацијата Е-даноци www.edanociprilep.mk е поставена на веб-страницата на Општина Прилеп и овозможува, преку едноставна постапка и без физичко присуство во Одделението за администрирање на приходи, навремено и лесно подмирување на даночните обврски кон општината.


„Овој начин на електронска наплата е особено корисен за иселениците кои имаат имот на територијата на Општина Прилеп, а не се во можност физички да ги подмират своите обврски кон општината“, истакна Јованчо Шишкоски, раководител на Одделението за администрирање на приходи при Општина Прилеп.
Вкупниот процент на наплата на даноци за 2025 година во Општина Прилеп изнесува 60 проценти. Во текот на годината, општината има наплатено даноци и комунални такси во вкупен износ од 137 милиони денари. Иако процентот на наплата бележи континуиран раст од година во година, од Одделението за администрирање на приходи потенцираат дека даночните обврски треба да се подмируваат поодговорно, бидејќи токму од овие приходи се обезбедуваат услугите за граѓаните.
„По основ на данок на имот за физички лица, годишниот облог изнесува над 50 милиони денари, а за правни лица над 15 милиони денари. Кај комуналната такса – фирмарина, активни се околу 3.500 фирми со годишен облог од 15 милиони денари, од кои досега се наплатени 44 проценти. Во моментов, само околу 10.000 физички и 300 правни лица целосно ги имаат подмирено своите даночни обврски. По основ на комуналната такса – фирмарина, ненаплатени се над 50 милиони денари, при што околу 24 милиони денари се ненаплатени поради ликвидација или стечај на правни лица. Кај данокот на имот, ненаплатени се околу 60 милиони денари, од кои 15 милиони денари се застарени“, вели Шишкоски.
Законскиот рок за плаќање на данокот на имот и комуналните такси е 15 дена од приемот на решението. Доколку даночните обврски не бидат подмирени во предвидениот рок, Општина Прилеп ќе ги примени законските механизми за присилна наплата од физичките и правните лица.
Исто така им се соопштува на сите физички и правни лица дека согласно член 29, став 1 од Законот за даноци на имот кои до сега немаат поднесено даночна пријава, а притоа имаат промена во нивната имотна состојба, должни се да поднесат даночна пријава во просториите на Одделението за администрирање на приходи на општина Прилеп, во најкраток можен рок а најдоцна до 31.01.2026 година.