Општина Прилеп против каква било дискриминација на граѓаните

Асоцијацијата за неформална едукација на Роми „Ромска Солза“ од Прилеп,
во рамките на проектот „Преку интегрирано делување до намалување на
дискриминацијата“, денеска испрати порака до институциите и граѓаните за
прекин на дискриминацијата, со којашто како што тврдат се соочуваат
граѓаните Роми од Прилеп.

Во рамките на овој настан, што се одржа во градската библиотека „Борка
Талески“, низ видео запис беа презентирани сведоштва на граѓани, кои што
биле жртви на дискриминација.

„Видео записот има за цел да ги покаже сведоштвата на Ромите,што биле
жртви на дискриминација, како и ставовите и гледиштата на приватните локали
и на Општина Прилеп, токму по ова прашање. Проектот е при самиот крај. Во
рамките на овој проект е подготвена и брошура, како и дистрибутивен флаер
кој е дистрибуиран во населбата. Поднесени се и претставки до институциите
на државата, во кои жртвите јавно сведочат за нивната дискриминација од
страна на приватните локали“, посочи Киршан Мамудоски, извршен директор
на НВО „Ромска Солза“.

На денешниот настан беше присутен и претседателот на Совет на Општина
Прилеп, Миле Талевски. Тој акцентираше дека Општина Прилеп се залага да
се воспостават европските вредности и во градот, и во државата. Талевски
беше дециден дека во рамките на надлежностите, што ги има Советот, заедно
со градоначалникот Илија Јованоски ќе дејствуваат во борбата против
дискриминацијата на граѓаните по каква и да било основа.