Општина Прилеп поднесе кривична пријава против ексградоначалникот Ристески

Општина Прилеп, ја информира јавноста дека поради постоење на основано сомневање дека како одговорно лице, градоначалник на Општина Прилеп, сторил кривично дело „Несовесно работење во службата“, затоа што спротивно на должноста за совесно, законито и домаќинско располагање со сопственоста на општината, која ја имал согласно со Законот за локална самоуправа и Статутот на Општина Прилеп, Општина Прилеп преку својот правен застапник, адвокатот Жарко Стеваноски, до Основното јавно обвинителство- Прилеп поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник, Марјан Ристески.

Кривична пријава е поднесена и против едно правно лице, поради сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“.

Имено, како градоначалник на општина Прилеп, врз основа на претходно склучен Договор за закуп на недвижен имот без надоместок, Ристески му овозможил на правниот субјект, во периодот од 26.12.2007 до денеска незаконито да располага со објектите на друштвото за телесно воспитување „Партизан“.

Со тоа што знаел и бил должен да знае, дека правниот субјект не ги исполнува обврските согласно со потпишаниот Договор и дека од денот на неговото потпишување па до денес, правното лице не ги реализирало најавените инвестициски зафати чија вредност изнесува 150.000 евра, Ристески направил повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на посебното овластување и должност како градоначалник на Општина Прилеп.

Со тоа, екс-градоначалникот Марјан Ристески на Општина Прилеп, во периодот  26.12.2007 до денес, поради така склучениот договор за закуп без надоместок, и’ предизвикал штета во вид на изгубена добивка од закуп на објектите на ДТВ „Партизан“, во висина од 202.986 евра.

Кривична пријава е поднесена и против правниот субјект, кој како договорна страна се јавува во предметниот договор, како и против (Т.Н.) управителот на правното лице.

Општина Прилеп веќе формираше комисија за надзор врз реализацијата на Договорот, која ги потврди наведените злоупотреби. Поради непочитување на Договорот за закуп, Општина Прилеп, договорот го раскина. По завршувањето на кривичната постапка, против одговорните, пред Основниот суд во Прилеп ќе биде иницирана постапка за надомест на сторената штета.

Општина Прилеп