Општина Прилеп ќе се збратими со градот Источно Сараево

 

Збратимување на Општина Прилеп со градот  Источно Сараево и
воспоставување на економска, трговска, културна и туристичка соработка меѓу
двете општини. Ова е исходот од денешната средба на амбасадорката на
Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ со градоначалникот на Прилеп, Илија
Јованоски, што се одржа во неговиот кабинет.

„Денеска во посета на нашиот град е амбасадорката на Босна и Херцеговина
Лепа Бабиќ. Разговаравме за културните настани што нè поврзуваат како два
сродни народа. Разговаравме и за збратимување на Општина Прилеп со
Источно Сараево. Со задоволство ја прифативме таа понуда и мило ми е што
ќе започнеме заедничка соработка со источниот дел од Сараево. Нашата
соработка ќе продолжи и на економски план“, најави градоначалникот
Јованоски.

„Немам што особено да додадам од она што го кажа градоначалникот. Но,
нешто што сакам да истакнам е дека јас не сум прв пат во Прилеп и се
чуствувам исто како дома. Ја започнавме приказната со Прилеп и еден од
градовите во Босна и Херцеговина, поточно со Источно Сараево. Мило ми е
што граѓаните од двата града ќе соработуваат на повеќе основи, а нашата
соработка ќе ја збогатиме и на економски план“, потврди амбасадорката
Бабиќ.

На денешната средба се разговараше и за тековни проекти и активности на
Општината.

Градоначалникот Јованоски со амбасадорката Бабиќ, остварија средба и со
претставници на Регионалната канцеларија на Стопанската комора на
Македонија во просториите на комората во Прилеп.