Општина Прилеп ја поддржува кампањата за семејна љубов на децата без родители

Градоначалникот Илија Јованоски го поздрави вечерашниот настан којшто под мотото „На секое дете му треба семејство“, се одржа на платото кај Градски саат во Прилеп. Тој ги истакна своите искрени заложби како градоначалник на Прилеп, во правец на сестрана поддршка на згрижувачките семејства во општината во рамките на надлежностите и можностите.

„И како градоначалники како Општина, сакам да потенцирам дека ние сме континуирано, но и натаму ќе бидеме во контакт со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп. Целта е преку непречена соработка, поддршка и помош во рамките на нашите надлежности и можности на Општината, да го олесниме функционирањето на најблагородните семејства. Општина Прилеп и преку Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата, се грижи за правилен раст и развој на дечињата. Апелирам да го дадеме нашиот придонес, да ја демонстрираме хуманоста за доброто на сите деца“, порача градоначалникот Јованоски.

Директорот на МЦСП-Прилеп, Живко Силјаноски, акцентираше дека Прилеп  е меѓу градовите со голем број згрижувачки семејства.

„Вечерва сме домаќини на овој настан, на оваа кампања. Ние прилепчани сме хумани луѓе, имајќи предвид дека 20 семејства, имаат згрижено 34 дечиња. Имавме и две здруженија, кои згрижуваа деца и разменуваа и споделуваа искуствени знаења“, истакна Силјаноски.

Овој прекрасен настан го збогатија со игри и песни, дечињата од градинката „Али Чаир“. А, со љубов за децата без родители проговорија јавно и неколку граѓанки,коишто веќе имаат згрижено повеќе дечиња.

„Во овие 16 години имам згрижено 8 деца, од кои пет се веќе кај родителите. Во моментот имам две деца на возраст од 9,5 години и 7,5 години“, рече Ацка Божиноска, поделувајќи свои искуства како згрижувачка, со своите сограѓани.

“Во 17 години имам згрижено три деца. Ги зедов мали, едно на 4 години, едно на 8 и третото на 12 години. Девојчето заврши основно училиште, моментално е втора година во Штип и е одлична ученичка“, рече Весна Димоска.

„Апел од мене до сите, оние, кои сакаат да згрижат деца, да се обратат до центарот. Не е ништо страшно и тешко. Отворете ги своите домови, пружете им ги срцата. Дарете им топол дом, многу љубов“, порача згрижувачката Благица Стефаноска.

Кампањата досега опфати 28 градови во државата, а ќе заврши во Демир Хисар. Целта е поголема сензибилизација на граѓаните, за што повеќе згрижувачки семејства, а што помалку деца без родителите, оставени во институциите.

„Целта на оваа кампања е да се поттикне свеста кај граѓаните, дека на секое дете кое е без родителска грижа му е потребно семејство. Досега имаме многу јавувања во кол-центарот и секој ден расте бројот на граѓани што покажуваат интерес за згрижување деца. Ова ни дава поттик за понатаму“, изјави Шпреса Саиди, претставник на МТСП.

„Можам да кажам дека сме презадоволни од кампањата. Веќе поминавме 28 градови и досега имаме 270 јавувања на заинтересирани граѓани, кои би сакале да станат потенцијални згрижувачи. Целта на оваа кампања беше и да се запознае јавноста, дека само семејно згрижување е она што е потребно за правилен развој на децата“, рече Олимпија Гроздановска, претставник на УНИЦЕФ.

Заложбите на Министерството и Владата се, да обезбеди услови за да може секое дете без родителска грижа во земјата, да расте во безбедна и грижлива семејна средина. Тоа се постигнува преку вложување во превентивни активности и поддршка на биолошките семејства, развивање нови форми на згрижување и проширување на мрежата на згрижувачки семејства, инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа, преку нивна стандардизација и вложување во рана детекција и рана интервенција на тешкотии во развојот кај децата.