Општина Прилеп издвои 2,5 милиони денари за дневниот Центар за лица со церебрална парализа

Градежните работи на објектот во кој ќе биде сместен дневниот Центар за лица со церебрална парализа, се одвиваат со полн интензитет. Со неговото ставање во функција, после Скопје, Прилеп ќе биде единствениот град во Република Македонија кој ќе добие Центар од ваков карактер.

Покрај средствата на Министерството за труд и социјална политика, со свои средства во изградбата на дневниот Центар учествува и Општина Прилеп. За таа цел, на последната седница на Советот на Општина Прилеп, советниците изгласаа Одлука за измена на распоредот на средства од општинскиот буџет за 2018 година. Конкретно, поради постигнатата пониска цена во тендерската постапка за изградба и реконструкција на локални патишта, средства во висина од 2,5 милиони денари беа пренаменети за опремување на Центарот за лица со церебрална парализа. Овие средства ќе бидат искористени за опремување на Центарот, како и за набавка на специјално возило кое ќе врши превоз на лицата со церебрална парализа, од нивните домови до дневниот Центар и назад.

Покрај финансиските средства во висина од 180.000 денари, собрани од хуманитарниот турнир во мал фудбал „Свети Никола 2017“, до денот на отворањето на Центарот, Општина Прилеп ќе организира и други настани од хуманитарен карактер, чија цел ќе биде собирање што повеќе средства за негово опремување.

Капацитетот на дневниот Центар за лица со церебрална парализа ќе биде за 25 до 30 корисници, а согласно предвидените активности, се очекува тој да почне со работа кон крајот на следниот месец.