Општина Прилеп го одбележа 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември, Општина Прилеп организираше пригоден настан во киното „Мис Стон“. На програмата учество зедоа ученици од прилепските основни училишта, ученици со попреченост од посебните паралелки во ООУ „Климент Охридски“, како и штитениците од Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост во Прилеп – „Ѕуница“, Дневниот центар за лица со церебрална парализа и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, во своето обраќање ја истакна важноста од создавање инклузивно општество и почитување на различностите:


„Денеска, на 3 Декември, испраќаме силна порака: дека секој човек, без разлика на неговите способности, има право на достоинствен живот, еднакви можности и активно учество во заедницата. Овој ден не е само потсетник, туку и обврска – да градиме општество во кое различностите се почитуваат, а инклузијата е темел на секојдневието.“
Како резултат на посветената работа во последните години, Општина Прилеп го доби признанието „Најуспешна општина во спроведување на инклузијата“ за 2025 година, во рамки на тригодишниот проект „Инклузија на деца со ПОП“ на Здружението „Отворете ги прозорците“ и Детската фондација „Песталоци“, а за најинклузивен наставник е избрана Анета Таневска од ООУ „Добре Јованоски“. Од вкупно 12 учесници општини, Прилеп се издвојува по воспоставувањето на општинско Инклузивно тело, во кое активно членуваат наставници, стручни соработници и специјални едукатори од основните училишта.
Градоначалникот Проданоски потсети дека општината уште пред четири години презеде значаен чекор, и без законска обврска, ангажира образовни асистенти во основните и средните училиштa:
„Како општина ги слушнавме потребите на граѓаните. Денес имаме 52 образовни асистенти – 44 во основното и 8 во средното образование. Сметаме дека постои простор овој број да се зголемува, затоа што инклузијата бара континуирана поддршка. Признанието што го добивме е доказ дека институциите, организациите, семејствата и поединците заедно создаваме средина во која лицата со попреченост се рамноправни учесници во сите сфери на животот.“

По повод 3 Декември, градоначалникот го посети и Дневниот центар „Ѕуница“, еден од првите центри во Прилеп (во склоп на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи) кој веќе 23 години обезбедува грижа, поддршка и интеграција на децата со попреченост во заедницата.
Општина Прилеп останува посветена на градење општество во кое секое дете и секој човек имаат достоинствено место, поддршка и отворени можности.