Одржана завршната презентација на стратегијата за одржлив развој на Прилеп

Во  ЦК „Марко Цепенков“ денеска се одржа завршната презентација на стратегијата за одржлив развој на Прилеп, користејќи мултидисциплинарен пристап во рамките на Еразмус+ ENABLE проектот.

Проектот подразбира интегративност во стратешката мултисекторска перспектива на градот, со цел да произлезе и да се изгради одржливоста врз социо-економските и секторски приоритети, политики и стратегии. Во рамките на денешниот настан беа презентирани резултатите постигнати во процесот на меѓународна соработка за креирање стратегија за одржлив развој на Прилеп.

На презентацијата на двегодишната научна студија, покрај градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, присуствуваше и деканот на Универзитетот Американ Колеџ од Скопје, Проф. д-р Мишко Ралев и претставници од Одделение за архитектура и територија, Медитеранеа Универзитет Реџо ди Калабрија.

„Огромно е чувството на задоволство и на радост што го имам денеска после завршувањето на еден ваков одличен огромен и значаен проект за општина Прилеп и за сите нас. Пред се’ сакам да се заблагодарам на координаторот на овој проект ENABLE, проф.д-р Ралев кој што заедно со Американ колеџ и целиот тим што работеше на овој проект го направија во договореното време и без исклучок се направени сите постапки беа. Драго ми е што после две години максимална ангажираност и професионална работа го постигнавме она кое што сакав да го направиме: во градов да имаме просторно планирање, архитектура, да имаме инфраструктура, да има сообраќајни решенија и се’ она што му е потребно за градот да биде одржлив и да живее“, изјави во своето обраќање градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски потенцираше дека фактот што во изработката на стратегијата учествуваа три европски универзитети и два приватни истражувачки институти, сам по себе кажува за сериозноста со која Општина Прилеп пријде во изработката на овој документ, кој е од стратешко значење за Прилеп.

„Резултатите од овој двегодишен процес резултираа со стратешки документ, стратешки план за градот Прилеп, кој е консултативен документ за сите идни плански иницијативи кои  што ние ги насловивме зелена и сина инфраструктура. Тие ги вклучуваат зелените капацитети и сините капацитети, односно водите на градот, меѓутоа не се ексклузивни во однос на зеленилото и на водата туку тие само го покажуваат капацитетот и на сите останати слоеви што постојат во градот. Односно, сите останати изградени капацитети на градот и нивно вмрежување во еден, се’ со цел одржлив долгорочен развој на Прилеп“, истакна координаторот на проектот Максим Наумоски.

Процесот на изработка на стратегијата содржеше меѓународна и интердисциплинарна соработка помеѓу субјекти од Македонија заедно со субјекти од ЕУ, Австрија, Италија и Чешка кои го комплетираа овој меѓународен конзорциум од високообразовни институции и приватни истражувачки институции.

Во креирањето на стратегијата беа вклучени факултетите на три високообразовни институции Факултет за архитектура и дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопје,  Истражувачка единица за локално планирање, Технички Универзитет Виена и  Одделение за архитектура и територија, Медитеранеа Универзитет Реџо ди Калабрија потпомогнати со практично искуство пренесено од двата партнерски институти ИЕГЕ од Скопје и Чешката фондација за партнерство за животна средина од Брно.

Стратегијата содржи насоки, кои ќе бидат основа за понатамошен развој на планската документација за Прилеп. Проектот се реализира како дел од Еразмус +, програма КА203 за Стратешка соработка помеѓу високообразовни институции и е финансиран од Европската Унија.