Прилепската Гимназија и Касарната „Мирче Ацев“ денеска, со почит ја одбележаа 80 годишнината од загинувањето на својот патрон, еден од првите борци од Македонија со одликување на народен херој и човек кој што има голем придонес во борбите за националното ослободување на македонскиот народ. Мирче Ацев, загинува во 1943 година, ѕверски мачен и убиен од бугарскиот фашистички окупатор.
Во спомен и во чест на патронот на Прилепската Гимназија и на Касарната во Прилеп, делегации од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, касарната „Мирче Ацев“ градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски и претставници од Сојузот на борци од Прилеп, положија цвеќиња во Алеата на Могилата на непобедените и на бистите на народниот херој поставени во дворот во Гимназијата „Мирче Ацев“ и во дворот на касарната „Мирче Ацев“.
Во чест на својот патрон празник, армискиот артилериски состав во касарната „Мирче Ацев“ одржа свечена програма а професорите и учениците од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп одржаа свечена академија и ликовна изложба во театарот „Војдан Чернодрински“.
„Благодарение на ентузијазмот и креативноста на целокупниот колектив, прилепската Гимназија претставува образовна институција за почит со реализирани голем број инфраструктурни и образовно- технички проекти.
Сигурен сум дека подготовката на квалитетни кадри од вашето училиште позитивно ќе се одрази на потребите на нашата општина и општеството во целост.
Почитувани професори и ученици, сакам да ве уверам дека поддршката од Локалната самоуправа секогаш ќе ја имате и ви посакувам на сите во иднина дa имате уште повеќе успеси во работата и учењето и успешна реализација во воспитно -образовниот процес.“ – истакна градоначалникот Јовчески пред присутните.