Новата учебна 2019/2020 година, учениците во ООУ „Гоце Делчев“ ќе ја дочекаат со ново спортско игралиште

Со цел подобрување на условите за спроведување на настава и за престој во
училиштето, со помош на локалната самоуправа, во ООУ „Гоце Делчев“ и во
дневниот престој, целосно се реконструирани тоалетите на сите 3 катови, проект
кој чинеше 60.000 евра. Истовремено, покрај останатите тековни инвестиции,
изработен е елаборат за изградба на мултинаменско спортско игралиште, на
местото од дислоцираната балон сала.

„Започнуваме со изградба на отворено игралиште за кошарка и за атлетски
дисциплини, а ќе извршиме и комплетна замена на осветлувањето во училиштето,
за што ќе бидат потрошени 30.000 евра. За одбележување се успесите кои
нашите ученици ги постигнуваат на локални, регионални, државни и меѓународни
натпревари. Така, во ланската учебна година на општински натпревари имаме
освоено 51, на регионално 46, на државно 28 и на меѓународно ниво 12 награди.Во тековната учебна година, успесите на нашите ученици се исто така големи.
Нашето училиште е вклучено и во 4 меѓународни проекти во рамките на
програмата Еразмус+, при што досега во други држави престојувале по 30
наставници и ученици“, вели Веле Ѓоргијоски, директор на ООУ „Гоце Делчев“.
Ѓорѓијоски потенцира дека врвен приоритет на кој му посветуваат посебно
внимание, е изградбата на отвореното мултинаменско игралиште, во чиј склоп ќе
има кошаркарско игралиште и атлетска патека. Игралиштето ќе биде изградено во
следните 4 месеци, што значи дека новата учебна 2019/2020 година, учениците ќе
ги дочека ново отворено спортско игралиште.

Во ООУ „Гоце Делчев“ настава посетуваат 840 ученици, а во подрачното
училиште во с.Големо Радобил учат 10 ученици. Вкупниот број на вработени е 70,
од кои 50 наставен кадар и 20 технички персонал.