„Недела на грижа за стари лица“ се одбележа и во Прилеп

Со насмевка, топла прегратка, муабет и учество во делење на оброкот на штитениците од домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, волонтерите на прилепската организација на Црвен крст денеска се вклучија во активностите за одбележување на „Неделата на грижа за стари лица“.
Според претседателот на Здружението на пензионери од Прилеп, Kирил Ѓорѓиоски на старите и изнемоштени лица ова здружение им помага на различен начин.
„Секогаш сме до старите и изнемоштени лица, им доделуваме еднократна парична помош, се разбира на оние на коишто им е најпотребна. Потоа со вредносен чек од 1.000 денари на социјално загрозените пензионери им обезбедуваме можност да купат намирници до тој износ. На 250 лица минатата година им обезбедивме банско – климатско лечење, финансиски им помагаме и доколку на некое лице му се случи елементарна непогода, ги поддржуваме во издавањето пензионерите што пишуваат книги, организираме екскурзии, културно-забавен живот, спортски настани и активности, посета на историски места, манастири… Сè ова со цел што подобра рехабилитација на овие граѓани, а наша постојана активност како здружение“,вели Ѓорѓиоски.
Панде Ристеска од секцијата на жени при Здружение на пензионери посочи дека редовно ги посетуваат штитениците во домот за стари лица
„При посетата им носиме пити, колачиња и други домашни специјалитети, облека. Во исто време имаме изведби со песни и ора, така се обидуваме да им го разубавуваме животот на овие граѓани“, додава Ристеска.
Во наредниот период Општина Прилеп планира реализација на повеќе проекти за подобрување на квалитетот на животот на оваа категорија граѓани.